Вардар ја реши Ла Фиорита во вториот дел и гледа кон Лозана (ВИДЕО)

Вардар со 3-0 го совлада тимот на Ла Фиорита на првиот натпревар од првото коло во Лигата на конференции, и со крупни чекори се доближи до следната рунда и дуел против швајцарска Лозана. „Црвено-црните“ имаа проблеми само во првиот дел, кој заврши без голови, за во вториот дел низ тотална доминација и поправање на ефикасноста, на крајот да слават убедлива победа, која треба да биде доволна за пласман во наредната фаза. Сега на Вардар му останува само на реваншот во Сан Марино за седум дена, рутински да ја одработат задачата и да дојдат до второто коло во Лигата на конференции. Со оглед на резултатот и на противникот, не се очекува да се случи големо чудо во вториот меч.

Вардар можеше да слави и со поубедлива предност, но голманот на гостите Заволи имаше неколку одлични интервенции, и го спаси својот тим од целосна катастрофа.

Доминацијата во поседот на топката не даде плод во првиот дел кој заврши без голови. За такво нешто голема „вина“ има и противникот од Сан Марино, кој игра дисциплинирано во одбраната, и имаше голман кој двапати го спасуваше својот гол од налетите на „црвено-црните“.

Првата посериозна шанса дојде во 28. минута. После една долга акција, Омерагиќ и Маневски проиграа, по што Маневски шутираше во долниот лев агол, Заволи во последен момент одбрани во корнер.

На вториот голем момент се чекаше до 44. минута кога ударот од далечина на Закариќ одлично го одбрани Заволи во уште еден корнер.

Само што почна вториот дел, веднаш погодок. Азер Омерагиќ по добиена топка од десната страна, од прва шутираше и го совлада гостинскиот голман.

Откако даде гол, Вардар уште повеќе нападна кон голот на противникот, а втората шанса ја имаше Мато во 53. минута откако со крајни напори голманот одново одбрани. Во продолжение на акцијата супер прилика и за Закариќ, кој од десната страна остана сам, но шутираше само над голот.

„Црвено-црните“ доминираа и понатаму, а во 66. минута го постигна тој толку посакуван втор гол. Од десната страна Јанкулов сакаше да уфрли во петерецот остро, но топката го закачи Друди и заврши во мрежата на Заволи.

По вториот, дојде и третиот погодок. Мато од левата страна дојде во ситуација да шутира од дваесетина метри, и успеа да упати силен удар по земја, совладувајќи го немоќниот голман на Ла Фиорита.

Следната шанса ја имаше Донгмо, кој од 25 метри шутираше силно, но непрецизно и само над голот. Следуваше и обидот на Босанчиќ кој заврши покрај голот.

„Црвено-црните“ продолжија во исто темпо, па шанса имаше и Донгмо кој шутураше, но одново голманот Заволи беше поспешен од вардаровите фудбалери. Голманот на Ла Фиорита го одбрани и обидот на Босанчиќ длабоко во судиското надополнување, со што проапдна и последната шанса на „црвено-црните“ за поубедлив триумф.

Се вчитува...