Најтрофејниот македонски клуб и следната сезона ќе игра во Првата македонска фудбалска лига откако во бараж пресметката за опстанок во елитата на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица триумфираше со 2-0 против најпријатното сезонско изненадување во Втората лига, екипата на Детонит Плачковица од Радовиш.
Вардар беше подобар од Детонит таман толку за два гола постигнати низ последните пет минути игра од првото полувреме кога беше решен победникот. Радовишани пружија навистина квалитетен одбор покажувајќи дека сосема заслужено беа на врвот во второлигашката конкуренција, но немаа сила да ги спречат „вардарци“ во својата цел.
А победата „црвено-црните“ ја освоија најпрво со голот на Дејан Ѓуриќ во 42. минута, а потоа стрелаше и Лука Сушњара во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме за водство и од 2-0, што се покажа како сосема доволно за конечна победа.
Во второто полувреме, без премногу возбудувања, Детонит Плачковица беше подобра екипа со неколку можности за загрозување на голот на Гачевски но радовишани не успеаја да постигнат ниту почесен погодок.
Со тоа познати се сите 12 прволигаш за следната сезона во Првата македонска фудбалска лига: Струга ТЛ, Шкендија, Шкупи, Тиквеш, Силекс, Работнички, Гостивар, АП Брера, Воска Спорт, Пелистер, Беса и Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА