Дојде и тој ден, кога Вардар по подолга пауза во ЛШ ќе настапи на жешкиот терен во „Шпаркасе арена“ во Кил, во пресметката помеѓу повеќекратниот и актуелниот европски првак. Германците ја префрлаат фаворитската улога врз „вардарци“, додека „црвено-црните“ се свесни дека мора да се остане фокусиран во текот на сите 60 минути, бидејќи во германскиот пекол одлично се држеше и Пик Сегед 45 минути, за потоа експресно да биде прегазен со седум голa.
Кил делува моќно, комплетна силна екипа, но тренерот Гисласон има три клучни адути во обидот да го совлада Вардар.
Никлас Ландин
Андреас Волф делува „аут“ откако го договори мега-трансферот во Кјелце, но тоа не е проблем за Гисласон кога во своите редови го има Ландин. Данецот брани во извонредна форма во последните месеци, па така на последното дерби со Фуксе Берлин пред неколку дена до 40. минута имаше примено само 12 гола (22-12), по што беше повлечен на клупата, за да одмори пред пресметката со „вардарци“. Ако тој ја спушти „ролетната“ тоа ќе значи сериозен проблем за „црвено-црните“.
2. Домагој Дувњак
Гисласон долго време го чекаше Хрватот да влезе во посакуваниот ритам. Јасно е дека станува збор за играч од самата елита, беспрекорен организатор на играта во напад, но во редовите на Кил уште позначајно е неговото влијание кога станува збор за одбраната. Омилена зона на Гисласон е 3-2-1 во која на врвот се наоѓа токму Дувњак, кој со својата височина, но истовремено и подвижност и „брзи раце“ секогаш е потенцијална опасност за украдена топка и лесен гол на спротивната страна. Хрватот подеднакво добро се снаоѓа и во зоната 5-1 во која исто така е најистурен, па Раул Гонзалес ќе има сериозен предизвик нападот на Вардар да функционира беспрекорно на оваа средба.
3. Марко Вујин
Србинот од Бачка Паланка во 2012 година дојде од Веспрем во Кил и оттогаш е предводник на нападот на „зебрите“. Десниот бек важи за еден од најдобрите „бомбардери“ на европската сцена во последните десетина години, па и на 33-годишна возраст се уште игра на највисоко ниво.
Со осум гола беше најефикасен на првиот меч против Пик Сегед, одигра значајна улога и во бундеслигашките победи над Рајн-Некар Левен и Фуксе Берлин, па јасно е дека одбраната на „црвено-црните“ нема да има нималку лесна задача да го запре леворакиот бомбардер на Кил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА