Вардар лесно со „петарда“ против Арсими за повторно зацврстување на врвот од табелата (ВИДЕО)

Есенскиот шампион, екипата на Вардар повторно се врати на +4 бода предност на врвот од табелата пред Струга ТЛ, откако убедливо со 5-1 славеше против Арсими во првиот денешен натпревар од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига.

„Вардарци“ водеа со 4-0 по првиот дел благодарение на трите гола на трите зимски засилувања, српскиот интернационалец Цветковиќ, како и повратниците во црвено-црниот дрес Бобан Николов и Дарко Велковски, како и еден погодок на Немања Босанчиќ. А, во вториот дел за „петарда“ стрелаше и капитенот Азер Омерагиќ.

„Црвено-црните“ поведоа уште во 6. минута од средбата која се игра на стадионот „Петар Милошевски“ на комплексот „Куќа на фудбалот“ на ФФМ.

Одлична соло-акција на Закариќ по десната страна кој мајсторски пред голот на гостите го пронајде Цветковиќ, кој уште во првиот свој официјален натпревар за Вардар се запиша во листата на стрелците.

Веќе во 20. минута одлична топка доби повратникот Бобан Николов и избивајќи сам пред противничкиот гол стрелаше за предност од два гола на Вардар.

Во 35. минута, по корнерот од левата страна, одличен во скокот Дарко Велковски погодувајќи и за 3-0.

А, во 42. минута по една катастрофална грешка на одбраната на Арсими, погоди и Босанчиќ за 4-0 пред паузата.

Вардар продолжи со головите и во второто полувреме.

Но, ако во првото полувреме во преден план беа најновите зимски засилувања во тимот, сега на сцена оние првотимците кои го понесоа најголемиот товар на тимот во есенскиот дел од шампионатот.

Убава акција по левата страна на младинскиот репрезентативец Димитар Данев, кој одлично пред голот на гостите го пронајде Азер Омерагиќ, а капитенот на Вардар со извонредна реакција мајсторски стрелаше за 5-0.

На крај во 90’+3 минута, по грешката на вардаровиот голман Давор Талески кој направи пенал, Цуцули беше прецизен од белата точка за конечни 5-1.

ПМФЛ – 17. КОЛО
Скопје: ВАРДАР – АРСИМИ 5-1 (4-0)
Цветковиќ 5′, Николов 20′, Велковски 35′, Босанчиќ 42′, Омерагиќ 69′ – Цуцули 90’+3 (п)
Кратово: СИЛЕКС – БАШКИМИ (прво полувреме: 0-0)

ВЧЕРА
Тетово: ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ 2-0 (0-0)
Спахиу 78′, Ндзенгуе 89′
Кавадарци: ШКУПИ – ТИКВЕШ 0-6 (0-4)
Садик 9′, 61′, 76′, Стојковски 20′, Тасев 23′, Голубов 61′

Се вчитува...