Во пресрет на вечерашниот хуманитарен натпревар меѓу Вардар и Црвена Звезда на арената „Тодор Проески“ во Скопје во спомен на настраданите во трагедијата во Кочани, кој носи пред се поддршка за семејствата на сите жртви од ужасот кој ја потресе Македонија и регионот, нескриени се сеќавањата и за голем број вардарови бисерни натпревари од минатото кои ги прославиле црвено-црните бои.
Вардар и претходно зад себе има бројни хумани мисии. Една од нив е и ревијалниот натпревар во 2002 година по повод 15-годишнината од освојувањето на шампионската титула во 1987, на кој со емоции се сеќава и еден од најталентирани млади македонски фудбалери од времето на поранешна Југославија, Баже Керамитчиев кој и вечерва ќе биде на трибините на арената „Тодор Проески“ од 20 часот.
„Без сомнение вечерва ќе бидам на мојот Градски стадион кој моето Скопје мора да го наполни до последно место. Во чест и на спомен на сите оние дечиња од Кочани, но и за нас самите. Овој денешен натпревар лично мене ми буди спомени од уште еден ревијален-хуманитарен натпревар од 2002 година. Златните вардарци Панчев, Рингов, Најдоски, Бабунски и останатите, и тогаш организираа спектакл за помош на децата на загинатите бранители од воениот конфликт од 2001 година. И во моментов силни емоции ме облеваат кога ќе се сетам на тој спектакл“ – вели Керамитчиев, веднаш дополнувајќи:
„Тоа беше неверојатна посета на нашиот најголем стадион. Толку многу народ не се сеќавам дека имало и на легендарните натпревари против Црвена Звезда, Партизан, Хајдук, Динамо во поранешна Југославија. Не можеше воопшто да се најде билет. Медиумите потоа известуваа дека имало околу 25.000 навивачи, но ви гарантирам дека имаше околу 35.000 присутни навивачи на Градскиот стадион. Немаше ниту милиметар празен простор насекаде на стадионот“.
Керамитчиев беше и член и на младата репрезентација на Македонија, стандарден првотимец на Работнички и Локомотива, иако не крие дека неговата желба секогаш била и црвено-црниот дрес.
„Сите ние тогаш сакавме да играме за Вардар, но едноставно беше невозможно покрај тој феноменален тим од 1984 до 1988 година. Но, секако сите сите навивавме за нив“.
СОЛЗИТЕ САМИ ЛЕЕЈА КОГА ПАНЧЕВ И ПИКСИ ПРЕГРНАТИ БЕА СО ОВАЦИИ ПОЗДРАВЕНИ ОД ПУБЛИКАТА
Керамитчиев се потсетува и на тој хуманитарен меч во 2002 година…
„Не успеав на време да купам билети, па некако во последен момент се снајдов и набавив билети за Северната трибина. Со моите две деца пристигнав на еден час пред почетокот на натпреварот, и бев шокиран кога ми кажаа дека е преполна трибината и дека тешко дека ќе може да се влезе. А, надвор чекаа уште најмалку илјада лица. За среќа ме препозна еден од редарите на влезот на Западната трибина, и успеа да ме ‘прошверцува’ со децата, припојувајќи се на трибината ‘како чкорчиња во преполн ќибрит’. Но, бевме пресреќни дека ќе ги гледаме најдобрите. Уште на самиот почеток од натпреварот кога на центарот се поздравуваа капитените на двата тима Дарко и Пикси, се наежив. Два светски играчи од највисок калибар повторно тука пред нашите очи. А, кога пред крајот на мечот Пикси, прегрнат со Панчев кој го испрати до тартанот и соблекувалните, френетично беше поздравен од 30-илјадната публика тогаш нешто ‘пукна’ и во моите гради. Солзи почнаа да ми се слеваат по образите, и тоа веднаш го забележа поголемиот син кој тогаш имаше 11 години. Загрижено ме погледна прашувајќи ме уплашено: ‘Тато што ти е? Те боли ли нешто? Зошто плачеш?’. Што можев да му кажам а за да ме разбере… ‘Синко, немој да се грижиш, ништо не ме боли. Само една тага ми ја стегна малку душата затоа што знам дека овие двајца великани повеќе никогаш нема да ги видам вака заедно на терен во Скопје. А солзите ми се и солзи радосници, од убавина што низ сите овие години наназад сум имал среќа и привилегија овие двајца великани да ги гледам во живо. Ми го исполнија животот со среќа и спомени. Го прегрнав синот, и продолжив да плачам. Ете, така се сака фудбалот, така се сака Вардар и големите наши фудбалски имиња. Така треба да му дадеме поддршка на Вардар и вечерва во Скопје“ – завршува Баже Керамитчиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА