Ракометарите на Вардар одлично ја отворија новата сезона во Лигата на Европа откако вечерва на домашен терен со убедливи 33-26 славеа над исландски Валур.
Гостите подобро го отворија натпреварот и брзо стигнаа до позитва од 0-2. Првиот гол за вардарци во новата сезона во Лигата на Европа го постигна Милан Лазаревски во третата минута кој намали на 1-2. Следуваше одбрана на Еспиња, по која Вуко Борозан со свјот прв гол на мечот израмни на 2-2.
Вардар со погодокот на Вуко Борозан во седмата минута за првпат стигна до плус два (5-3). Во следниот период домаќините успеаја да ја задржат позитивата од два гола, па по десет минути резултатот на семафорот изнесуваше (8-6). По неколку промашувања на двете страни и два нереализирани пенали на Вардар, домаќините сепак на влезот на 19. минута успеаја за првпат да стигнат и до плус четири со уште еден погодок на Срдановиќ од пенал (11-7). Следуваше нова одбрана на Еспиња, која одлично ја материјализираше Петриќ кој во 20. минута донесе плус пет за домаќинот 12-7, по кои тренерот на гостите Антон Рунарсон мораше да го побара својот прв тајм-аут.
Ниту тајмаутот не им помогна на Исланѓаните кои повторно не успеаја да го совладаат одличниот Еспиња кој ја забележа и осмата интервенција, по која Вардар поведе и со плус шест 13-7. Вардарци продолжија да доминираат, а со петтиот гол на Срдановиќ во 30. минута стигнаа и до највисоките во првото полувреме плус осум 19-11.
На стартот на второто полувреме се играше гол за гол, па во 35. минута домашните се уште ја имаа позитивата од плус осум (22-14). Гостите заиграа многу подобро во следниот период, па во 45. минута со голот од пенал на Исак Густафсон успеаја да стигнат на минус пет (25-20). Сепак, тоа беше се што успеа да направи гостинскиот тим на овој меч. Двократниот европски првак рутински го приведе мечот до самиот крај за конечен триумф од 33-26.
Еспиња на голот со 15 одбрани од кои десет во првото полувреме беше најзаслужен за победата на Вардар, додека во нападот Марко Срдановиќ се истакна со шест гола. Кај поразените Оли Магнусон постигна четири гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА