Е. Пелистер е новиот шампион на традиционалниот Струшки ракометен турнир откако битолчани во големото финале славеа против вечниот ривал Вардар со резултат 29-26. „Вардарци“ влегоа во финалето во улога на бранители на трофејот освоен лани, се бореа буквално до последната минута, но „пелистерци“ имаа повеќе адути во клучните моменти и на крајот заслужено стигнаа до пехарот. Со вечерашниот триумф, Пелистер се израмни со Вардар како најтрофеен клуб во историјата на Струшкиот турнир, двата македонски тима имаат по 14 пехари од ова натпреварување во своите витрини.
Почетните минути минаа во знакот на одличните голмани Митревски и Еспина, па така Пелистер по шест минути игра имаше водство од 2-0. Вардар одговори со два брзи гола за 2-2, а „црвено-црните“ заиграа подобро по дваесетина минути игра, поведувајќи со 6-8. Битолчани имаа одговор за тоа, постигнувајќи четири гола во серија за предност од 10-8. Владо Недановски беше незадоволен од судиските одлуки во овој период, па стратегот на Вардар доби директен црвен картон и до крајот на финалето улогата на предводник од клупата му припадна на Столе Стоилов.
На одмор се замина со водство на „пелистерци“ од 13-11 откако Гогов го запре седмерецот на Цветан Кузманоски во последната секунда од полувремето, по што со израмнета игра се продолжи во вториот дел. Вардар израмни на помалку од десет минути до крајот преку Танкоски на 21-21, скопјани имаа и напад за водство што не го искористија, по што „пелистерци“ повторно ја презедоа контролата. Филип Кузмановски беше одличен со голови и асистенции, во клучните моменти погодуваше и Пешевски, а во самиот финиш печат на победата ставија крилата Радивојевиќ и Кузманоски.
Битолчани покрај главниот пехар ги собраа и индивидуалните награди, па така Филип Ивиќ беше избран за најдобар голман, Филип Кузмановски е МВП на турнирот, додека наградата за најдобар стрелец заврши во рацете на Богдан Радивојевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА