Сосема (не)очекувано, Стојанче Стоилов летово ќе го напушти Вардар, клубот во кој легендарниот пивот ја мина целата своја кариера, како капитен го предводешен до две европски титули, но и остана во црвено-црниот табор и во моментите на најголема финансиска криза.
Информацијата прв ја објави sportsport.mk, а во меѓувреме доби потврда – Стоилов е разочаран од односот на раководството на Вардар и одлуката за нов шеф на стручниот штаб да биде именуван Иван Чупиќ, откако Столе неколку сезони беше дел од тренерскиот тим на Вардар. Општо мислење во јавноста беше дека токму тој би бил идеален тренер на Вардар во ситуација кога беше донесена одлука за заминување на Гилмермо Милано.
Михајло Михајловски сепак имаше поинакви планови, избирајќи го Хрватот пред македонската ракометна легенда.
„Стоилов е икона на Вардар и за него секогаш има место во Вардар. Јас многу го ценам него, но сметам дека во моментов не е подготвен да го води првиот тим, тоа е мој став, не само мој, туку и на моите најблиски соработници. Сепак, вратите за него секогаш се отворени и дополнително ќе решиме која улога ќе ја има во иднина. Ние долго размислувавме, но на крајот донесовме одлука дека според нас Чупиќ во моментов е подобра опција за тренер од Стоилов“, истакна Михајло Михајловски на промоцијата на Чупиќ.
Колку и да изгледа политичка изјавата на првиот човек на Вардар, јасно е дека Столе има апсолутно право да се чувствува навреден, особено ако се знае дека во неколку ситуации во кои од најразлични причини го водеше тимот во отсуство на Недановски, одлично си ја заврши работата.
Разочарувањето кај поранешниот пивот е огромно, па во ситуација на недоверба на управата во неговите тренерски и човечки квалитети, тој донел одлука да го напушти црвено-црното семејство.
Вардар очигледно има многу за учење – пред се за односот кон сопствените легенди, особено оние македонските кои се навистина многу, многу ретки…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

