Вардар ја забележа и втората победа во низа во СЕХА-лигата, на домашен терен триумфирајќи над Татран Прешов со 29-24. „Црвено-црните“ го оставија зад себе поразот од истиот ривал од стартот на сезоната, користејќи го и за дополнителен мотив целосно да го надиграат противникот и си обезбедија подобар меѓусебен скор, што може да биде многу важно ако двете екипи ја завршат групата со ист број на бодови.
Гостите од Словачка парираа само десетина минути, кога имаа водство од 5-6, но Вардар зеде залет кога предводен од Бразилецот Дутра направи серија од 4-0 и почна да го контролира темпото на игра и резултатот. Со новиот гол на Дутра „вардарци“ го завршија првото полувреме со предност од 15-10, а потоа вториот дел го отворија со погодоци на Моралес и на Чувара, за убедливи плус седум (17-10). Татран само за момент намали на четири гола разлика (19-15), но следеше нова серија на „црвено-црните“ предводени од Филип Талески и водство од 23-15. Татран беше подобар ривал во самата завршница, но „вардарци“ сепак стигнаа до посакуваните „плус пет“ кои им носат подобар меѓусебен скор од словачкиот шампион.
Мартин Томовски беше одличен на голот на „вардарци“ со 12 успешни интервенции. Во нападот, најефикасен беше Чувара со пет погодоци, пред Дутра, Георгиевски и Моралес со по четири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА