Вардар го задржа стопроцентниот ефект во Супер-лигата откако „црвено-црните“ со одлична партија во дербито го демолираа Охрид со преубедливи 27-18. Охриѓани два пати го совладаа шампионот во подготвителниот период, но „Вардарци“ слават кога е најважно, најпрвин во Супер-купот на Македонија, а потоа и денеска во дербито на колото на супер-лигата во која Чупиќ и неговите избраници на надобар можен начин покажаа зошто се актуелни шампиони на Македонија.
Вардар отвори со рано водство од 3-1, потоа имаше и 8-3, а охриѓани повеќе од десет минути беа без постигнат погодок, црна серија што ја прекина Мате со прецизно изведен седмерец. Цврстата одбрана и одличниот Валах на голот беа заштитен знак на „црвено-црните“, кои на одмор заминаа со 14-6 со погодокот на Љевар во празна мрежа, откако Охрид тргна „седум на пет“ во својот последен напад.
Притисокот на „вардарци“ воопшто не се намали, првакот продолжи да доминира на двете страни на теренот, па со голот на искусниот Гоце Георгиевски стигна и до првото двоцифрено водство на мечот (20-10). Чупиќ направи одредени ротации, Гогов застана на голот и продолжи онаму каде што застана Валах и „црвено-црните“ одиграа перфектна одбрана до самиот крај, примајќи само 18 гола, за преубедлива победа и јасна порака зошто „црвено-црните“ важат за најголеми фаворити за титулата оваа сезона.
Љевар, Фадуил и Абделах беа најефикасни во црвено-црниот табор со по пет погодоци, додека прв стрелец на Охрид во овој убедлив пораз беше Јошида со четири гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
