Вардар во голем стил дојде до првиот триумф во пролетниот дел од сезоната, славејќи на гостувањето кај шампионот Струга ТЛ со 0-2. Головите во вториот дел беа дело на Закариќ и на Мато. Струга ТЛ со вториот пораз во овој дел од сезоната, се чини го губи здивот во битката за одбрана на титулата, додека за Вардарци ова се златни бодови за опстанокот и одлепување од дното на табелата.
После првиот дел мируваа мрежите, и покрај тоа што двата тима имаа шанси. Вардар прв се закани преку Сенгор кој ја погоди стативата. Следуваше одговор од Струга ТЛ преку Шабани, но неговиот обид го одбрани Талески.
За разлика од првиот, во вториот имаше повеќе возбудување. Имаше закани и од двете страни, и двата тима не успеаја да реализираат се до 76. минута.
Потоа една акција на Вардар која почна од средината, па на левата страна центаршут до Закариќ, кој убаво ја смири топката, и од 7-8 метри шутираше неодбранливо во голот на Ќосевски.
Шампионот никако не успеа да се опорави од овој „шок“, па набрзо веќе беше 0-2. Се играше 81. минута кога долга акција во погодок ја материјализираше нововлезениот Мато, кој погоди во малата мрежа од голот на Ќосевски, за да ги доближи „црвено-црните“ до победа од овој дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

