Вардар на крајот со реми од Сан Марино се пласираше во следната фаза во ЛК (ВИДЕО)

ЕКИПА во Сан Марино
Горан Бошев

Вардар со „реми“ од 2-2 оди во следната фаза од Лигата на Конференции, откако во меч со многу осцилации, на крајот успеа да го обезбеди пласманот во следната фаза. Вардарци губеа по првиот дел после лошото издание, меѓутоа во вториот дел дојдоа до посакуваниот пресврт. И кога се чинеше дека со победа ќе оди во следното коло, сепак, на крајот шокантен автогол на Јанкулов и Ла Фиорита успеа да го избегне поразот, но не елиминацијата. Вардар сега го очекува двомеч со далеку посилниот тим на Лозана, каде мора да одигра подобро од вечерва ако сака да има шанси за третото коло во Лигата на Конференции.

Неубедлив влез имаше Вардар во мечот во Сан Марино. И по само 10 минути имаше и негатива, откако Ла Фиорита со гол од пенал успеа да дојд до предност. Мишковски играше со рака во шеснасетникот, а Фелипе успеа да погоди од 11 метри.

И после голот Вардар тешко се поврзуваше. Средината како да не постеше, па Ла Фиорита уште неколку пати успеа да дојде до опасната зона, од каде можеше да упати удар и да се заканува.

Како одминуваше времето, Вардар почна да игра подобро, па како резултат на тоа во 41. минута дојде и најдобрата шанса, откако Закариќ со удар од 23-24 мтри ја погоди пречката од голот на Ла Фиорита.

Вардар од крајот на првиот дел не успеа да дојде до израмнувачки погодок, и тоа беше сериозни предупредување за вториот дел, во кој избраниците на Седлоски мораа многу подобро.

Дека не беше се како што треба во првиот дел, покажува потегот на вардаровиот стручен штаб, кој уште на полувремето направи три змени. Во игра влегоа Мато, Данев и Кастенада, а во соблекувалната останаа Закариќ, Тодоровски и Донгмо.

Првата шанса за израмнување Вардар ја имаше во 50. минута кога во одлична ситуација се најде Омерагиќ, кој од прва шутираше, но млако, а згора на тоа неговиот удар беше изблокиран, па голманот Виван интервенираше.

Вардарци и дефинитивно подобро го отворија вториот дел, и стигнаа до израмнување. Исто така од пенал, откако со рака играше Заферани. Мато беше сигурен реализатор, и така „црвено-црните“ дојдоа до посакуваниот гол и израмнувањето.

И веднаш откако дојдоа до погодок, Вардар имаше прилика и за втор гол. Мишковски беше во добра шанса по корнер, но не успеа да ја спроведе топката во голот на противникот, и да му донесе предност на вардаровиот тим.

Уште една шанса имаше Вардар преку Омерагиќ да дојде до пресврт, но не ја стигна топката која ја доби од Мато, и оваа шанса пропадна.

Мало опуштање во редовите на Вардар скапо ќе ги чинеше вардарци, откако во добра шанса се најде Дорми, но неговиот удар беше изблокиран и заврши за малку крај голот во корнер за домашните.

Сепак, во 86. минута Вардар дојде до погодок и пресврт. Нафрли Кастенада, а Грандони ја зафати топката и ја смести во сопствената мрежа.

Ла Фиорита успеа на крајот да го избегне поразот. Најпрво Маневски во последен миг изблокира, а потоа Јанкулов си постигна автогол. Недоразбирање со голманот Талески, сакаше да му ја врати топката, но не виде дека тој излегува, и на крајот топката заврши во мрежата, Ла Фиорита го избегна поразот, но не го спречи Вардар да се пласира во следното коло.

Се вчитува...