Македонскиот првак Вардар вечерва (19 часот) го игра петтиот натпревар од Лигата на Европа на гости во Санкт Петербург против силниот руски тим Зенит. Со надеж дека „црвено-црните“ конечно ќе одиграат квалитетен меч во групната фаза, Чедомир Јаневски и фудбалерите му приоѓаат на новиот предизвик.
„Зенит не е само обичен тим, туку е еден од најдобрите во нашата група, и не само во нашата група, туку и од сите кои се натпреваруваат во Лигата на Европа. Зенит не губи на домашен терен, но ние доаѓаме подготвени за овој меч, знаеме дека имаме добар тим и ќе истрчаме на терен со мотив за бод или три, затоа што овој тим на Вардар со добри тимови покажа дека знае да игра. Сите фудбалери со голема желба ќе истрчаат на теренот, и ќе докажат дека и последниот меч со Зенит не беше мерило за нашиот квалитет. За добар резултат ќе ни треба добра организација во играта и во одбраната и во нападот, ќе ни треба тимска и хомогена игра. Да се покажеме во подобро светло, и да направиме напредок и во игра и во резултат“, изјави тренерот Чедомир Јаневски.
Италијанскиот стратег на кормилото на Зенит, Роберто Манчини, најави неколку промени во составот, но исто така и победа на својот тим.
„Фокусирани сме на натпреварот против Вардар. Имавме одлично издание против Тосно, лесно создававме шанси, постигнавме пет гола и очекувам да го задржиме голгетерскиот ритам и на овој натпревар. Посакуваме победа, затоа што сакаме да го освоиме првото место во групата. Ќе има одредени промени во тимот, но сакаме нови три бода“, истакна Манчини.
Мечот ќе се игра на велелепниот стадион „Крестовски“, подвижниот кров ќе биде затворен, па така двете екипи нема да ја почувствуваат суровата руска зима.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА