Вардар направи уште еден чекор напред кон нова шампионска титула откако по дерби-тримфот над Металург денеска уште поубедливо го совлада тимот на Работник (37-19). „Црвено-црните“ уште еднаш покажаа дека се доминантни на македонската ракометна сцена не дозволувајќи им на гостите ниту за момент да се понадеваат на изненадување, иако тренерот Гонзалес за овој дуел повторно одмори дел од првотимците, па против Работник воопшто не настапија Шишкараев, Карачиќ, Дибиров и Абутовиќ.
Одбраната на „вардарци“ му овозможи на актуелниот првак уште по првото полувреме да стигне до предност од десет гола (19-9), што дополнително беше зголемена во вторите триесет минути за конечен триумф од осумнаесет гола разлика (37-19).
Иван Чупиќ со осум гола беше прв стрелец на „вардарци“ на оваа средба, пред Деревен и Недановски со по шест постигнати погодоци.
„Црвено-црните“ до крајот на сезонава имаат уште три натпревари, на гостински терен со Борец и со Пелистер и пред своите гледачи против Охрид, мечеви на кои се очекуваат нови рутински победи за одбрана на шампионската титула.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА