Вардар претрпе нов пораз во Лигата на шампионите, откако „црвено-црните“ загубија на гостувањето против Загреб и уште повеќе ја продлабочија резултатската криза на двократниот европски првак. Мечот во Загреб важеше за дуел што „мора да се добие“ за да се осигура пласманот во нокаут фазата, но наместо тоа „вардарци“ се соочија со уште поголеми проблеми. Финишот беше кобен за Веселин Вујовиќ, кој беше надмудрен од Ивица Обрван, па Загреб се врати од „минус три“ за да стигне до триумф, уште повеќе загрозувајќи ја иднината на „Вујо мајсторе“ како кормилар на актуелниот македонски првак.
Фактите се јасни, седум порази на последните седум натпревари во ЛШ се јасен знак дека тимот е во криза. Вардар не бил во ваква ситуација цели седумнаесет години, последен пат „вардарци“ загубиле седум средби во серија во периодот од 12 октомври 2003 до 9 октомври 2004 година. Опасноста „црната серија“ да продолжи е сосема реална, со оглед на фактот дека во првиот нареден меч, во февруари 2022 година ќе му гостуваат на Монпелје, кој моментно е лидер на табелата.
Останува дилемата дали тоа ќе биде со Вујовиќ или со некој друг тренер на клупата, но едно е јасно, во Вардар мора да дојде и до освежување во играчкиот кадар бидејќи со овој ростер „црвено-црните“ се предалеку од европската ракометна елита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА