Денеска се отвора третото коло од Првата македонска фудбалска лига. На програмата се два натпревари. Струга ТЛ против Работнички од 17 часот и дуелот во вечерниот термин во 20 часот меѓу екипите на Вардар и АП Брера на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Вардар во првите две кола го покажа квалитетот, ги најави нескирените амбиции за највисок пласман со две победи, против Пелистер дома (4-1) и на гостувањето во Кавадарци против Тиквеш (1-2).
Најтрофејниот наш клуб е фаворит во мечот против Брера, тим кој нема бод од воведните две кола, но голманот Давор Талески смета дека не треба да се потцени гостинот од Струмица.
„Не смееме да го потцениме тимот на Брера. Тоа не смее да се случи и покрај лошото отворање на сезоната од страна на Брера. Ние одиме од натпревар во натпревар. Добро одигравме во првите две кола, но тоа не смее да не опушти. Мора максимално да се фокусираме, да влеземе многу сериозно во мечот и да бараме победа. Имаме добра низа на резултати и ќе се обидеме серијата да трае. Наша цел е титула и затоа секој меч ни е важен. На тој начин и се подготвуваме“, изјави пред вечерашниот дуел со Брера, голманот на Вардар, Давор Талески.
ФК ВАРДАР АД – ФК АП БРЕРА СТРУМИЦА АД
Национална арена „Тодор Проески“, Скопје. 22.08.2025. Почеток: 20 ч.
Делегат: Гоце Цветановски
Судија: Фуркан Идризи
1. помошен судија: Александар Ѓорѓески
2. помошен судија: Имран Абази
Четврт судија: Александар Василевски
ВАР: Пларент Салихи
АВАР: Дарко Видиниќ
Контролор: Дејан Јакимовски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

