Македонскиот првак Вардар својот домашен натпревар од квалификациите за ЛШ против екипата на Малме по се изгледа ќе го игра во Србија, и тоа на стадионот во Јагодина. Ова денеска го откри токму противникот на „вардарци“, шведскиот шампион Малме, кој на својата официјална веб-страница обелодени дека добил барање од „црвено-црните“ за менување на локацијата на одигрување на реванш средбата, закажана за 18 јули.
Како што е добро познато, УЕФА забрани натпревари на „Телеком Арена“ во текот на летото за теренот да остане во идеална состојба за претстојниот Супер-купот на Европа. Претходно беше најавено дека „вардарци“ заедно со Шкендија и со Пелистер своите домашни средби во европските купови ќе ги играат на стадионот „Младот“ во Струмица, но плановите во меѓувреме се промениле.
„ФК Вардар денеска (четврток, 22 јуни) поднесе барање до УЕФА за промена на местото на одигрување на натпреварот закажан за 18 јули. Причина за ова е што во ФК Вардар се сомневаат дека теренот во Струмица ќе биде во лоша состојба, бидејќи претходно на него ќе играат уште неколку македонски екипи. Желбата на Вардар е мечот со Малме да го игра во Јагодина, Србија. Ние како клуб не сакаме овој фудбалски натпревар да се игра при лоши услови на теренот, поради што го поддржавме ова барање на Вардар. Според ФК Вардар, конечната одлука ќе биде донесена вечерва, или поверојатно во текот на утрешниот ден“ – се вели во информацијата на официјалната веб-страница на Малме.
Растојанието од Скопје до Јагодина е 302 километри, па јасно е дека ваквата одлука на „вардарци“ ќе придонесе избраниците на Гоце Седлоски да ја немаат посакуваната поддршка на натпреварот што официјално ќе важи за домашен за македонскиот првак во квалификациите за Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА