Ситуацијата во групата на Вардар во Лигата на Шампионите уште повеќе се компликува по најавите за можно откажување на норвешкиот првак Елверум, поради новите анти-ковид мерки на властите во оваа скандинавска држава. Имено, Норвешка одреди задолжителен карантин за сите екипи кои доаѓаат од странство, што го прави невозможно пристигнувањето на други тимови за гостувања против Елверум во елитното европско ракометно натпреварување.
Спортскиот директор на клубот, Бјорнан Мурен, е свесен за сериозноста на проблемот, за кој доколку во најскоро време не биде најдено решение, Елверум ќе мора да се откаже од натпреварувањето во Лигата на Шампионите.
„Државните закони мора да се почитуваат, но нашата ситуација е крајно компликувана. Побаравме од ЕХФ следниот меч со ПСЖ на 11 февруари да го играме на гостински терен, но се уште немаме одговор. Ако мерките за карантин не се променат, ќе мораме да побараме сите преостанати натпревари да ги играме на гостински терен. Ако тоа е невозможно, ќе мораме да се повлечеме од Лигата на Шампионите“, изјави Мурен.
Вардар треба да го пречека Елверум на 21 февруари, а четири дена подоцна да гостува во Норвешка, но дотогаш дефинитивно ќе се знае дали овој тим воопшто ќе ги продолжи настапите во елитното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА