Вардар Неготино по одличниот старт на пролетта: „На секој следен натпревар сакаме потврда на квалитетот на овој тим“

Фудбалерите на Вардар од Неготино, кои по неколкугодишна пауза преку бараж се вратија во Втората лига на Македонија, имаа одличен старт во пролетната сезона, кој ветува нови успеси и повисок пласман на табелата. Во првото пролетно коло со 2-0  ја победија второпласираната екипа на табелата Детонит Плачковица, еден од најсериозните кандидати за пласман во Првата лига и се зацврстија со 21 бод во средина на табелата, на деветтото место, во конкуренција на 16 екипи и ќе можат сега многу помирно да играат.

Тренерот Горан Тодорчев пролетва ќе има многу посилен состав бидејќи Вардар во зимскиот преоден рок ангажира дури девет нови играчи: Мартин Нејковски (Силекс), Филип Слободановски (Брегалница), Матеј Јордановски (Рудеш, Хрватска), Сунај Хасан (Дреница, Косово), Димитар Јанкулов (ЛАСК Интер, Австрија), Никола Павлевски и талентираните Ѓорѓи Шиков и Петар Ристевски од младинскиот погон на клубот.

Од  Вардар си заминаа, пак, Дарко Алексовски и Мартин Димовски (Саса), Илија Апостоловски и Пане Гогов (Тиквеш), Дарко Николов (Слога), Филип Петковски (Еуромилк), Христијан Костовски (Германија), додека Борче Гогов повеќе нема да игра.

„Не сме ништо ослабени со заминувањето на овие фудбалери. Вратите во Вардар се отворени за сите кои сакаат да играат во неговиот дрес, ниту пак сакаме да задржиме некој играч кој сака да игра за друг клуб. Дека не сме згрешиле со зимските засилувања покажа и мечот со Детонит Плачковица на која прикажавме одлична игра. Нашата цел пред стартот на првенството беше да обезбедиме сигурен опстанок во Втората лига и никогаш повеќе да не се вратиме во Третата лига –исток. На добар пат сме тоа да го оствариме, доколку ни се пружи шанса, да обезбедиме и повисок пласман на табелата“ – вели спортскиот директор Бојан Илиев.

Претседател на клубот е поранешниот репрезентативец на Македонија, Сашо Крстев, кој  има играно за најдобрите екипи во нашата држава и кој со својот целосен ангажман е најзаслужен за пласманот во Втората лига и сите досегашни успеси.

„Неготино заслужува да има стандарден второлигаш, постојат сите услови за тоа. Не се залажуваме со оваа победа против Детонит Плачковица бидејќи остануваат да се одиграат уште 14 натпревари до крајот. Меѓутоа, имаме поволен пролетен распоред, еден меч повеќе играме на свој терен што мораме да го искористиме. Што е најважно, повеќе не размислуваме за опстанок како пред стартот на првенството. Планираме во првите пет кола да освоиме 10 бода, на свој терен веќе игравме со Детонит Плачковица /3 бода/, следи со Караорман и Охрид, а им гостуваме на Кожуф и Скопје. Мислам дека е тоа реално, а потоа се ќе  биде полесно и можат да се прават разни сметки и за повисок пласман“ – вели Крстев.

 М.Мицковиќ

Се вчитува...