Иако се наоѓаат во долниот дел на табелата блиску до баражот и двете места кои водат кон Третите лиги, во Вардар од Неготино не размислуваат за опстанок во Втората лига. Свесни се дека ги очекува неизвесна пролет, но и подготвени да им овозможат на своите навивачи и идната сезона да гледаат второлигашки фудбал. Во овој зимски период раководството на клубот, на чело со претседателот Сашко Крстев беше многу активно. За продолжението на првенството ангажираа шест нови играчи, со кои веруваат дека ќе се пласираат во средина на табелата, без да водат грчевита борба за опстанок.
Во овој преоден рок, барем досега за Вардар потпишаа: Кристијан Ѓорѓевски од Кожуф, Глигор Диков Детонит, Матеј Јаневски Еуромилк, Марко Стојчевски Скопје, Пане Гогов Тиквеш и Невен Костадинов Вардарски. Во тек се разговорите со уште двајца фудбалери. Од клубот си заминаа Жиче Крстев и Славе Вргов во Брера, Милан Ќерими во Победа и Дамјан Стојковски во Осогово.
На досегашните подготовки од 15 јануари, под раководство на тренерот Горан Тодорчев и неговите помошници Горан Стојановски и Александар Митрев, Вардар одигра две контролни средби и двете ги загуби со 1:0, од Кожуф и Беласица. Меѓутоа дел од новите фудбалери не играа на овие средби. До пролетниот старт Вардар ќе одигра уште три натпревари, со Тиквеш, Слога од Виница и Победа.
Иако со сегашниот својот пласман се поблиску до дното на табелата, фудбалерите на Вардар и неговиот стручен штаб не размислуваат за борба за опстанок во лигата. Во моментов се на 13 место со 14 бода, колку што има и Победа со едно место погоре но со подобра гол разлика, под нив се Вардарски и Борец со 5 и Осогово со 8 бода. Овие три екипи се и најсериозни кандидати за бараж и пат кон Третите лиги. Засега сигурни на табелата се Новаци со 18, Беласица 19, Кожуф и Скопје со 22 бода.
„Освен првите четири екипи во Втората лига Македонија, Брегалница, Арсими и Башкими, другите екипи се изедначени, секој секого може да победи. Убеден сум дека и идната сезона ќе играме во Втората лига, сега имаме подобар тим и нашата цел е пласман во средина на табелата. Имаме и поволен распоред, во првите три пролетни кола играме со Осогово и Скопје во Неготино, гостуваме на Борец“, изјави тренерот Тодорчев.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА