Вардар од белата точка го освои Тетово, ВАР ја скрати радоста на Шкендија (ФОТО+ВИДЕО)

Гол од пенал и победа на Вардар на најтешкото гостување оваа есен, во Тетово кај Шкендија. Скопските „црвено-црни“ после долга пауза добиваат една пресметка со тетовската екипа, и се искачуваат на чело на табелата. Херои на Вардар во првиот дел беа Најдовски и Талески, а во вториот Бабунски кој прецизно го реализираше пеналот, и му донесе огромна победа на својот тим. Шкендија успеа да постигне гол за израмнување, меѓутоа ВАР ја скрати нивната радост во последните мигови од мечот.

По првиот дел мируваа мрежите, иако шансите и возбудувањата не изостанаа. Азар Омерагиќ во 24. минута со глава пропушти да го „матира“ Гаје по нафрлената топка од Мато. Неговиот обид заврши само сантиметри крај левиот дирек.

Потоа се закани и Шкендија, и тоа со тројна шанса во еден напад. Најпрво Ибраими одлично изведен слободен удар кој одеше под пречката, Талески одби, а во истата акција се обиде два пати Спахиу, но во првиот обид на самата гол линија спаси Најдовски, а потоа и голманот Талески успеа феноменално да интервенира, и така на полувреме се замина со почетниот резултат.

На стартот од вториот дел изведен корнер од страна на Вардар, по што Алхасан играше со рака во шеснаесетникот. Судијата Трпчевски без двоумење покажа на белата точка, а потоа стигна потврда и од ВАР.

Давид Бабунски ја презеде одговорноста, шутираше по средината на голот и го совлада Гаје за предност на Вардар.

Во продолжение од мечот Шкендија нападна со сите сили да дојде до израмнување. Вардар имаше неколку можности од противнапад, но немаше завршница. Како да не беа концентрирани во клучните мигови, па така Шкендија и натаму беше во игра да избегне пораз.

Тоа им успеа во 88. минута откако топката стигна до Ибраими кој од 10-11 метри со убав удар го совлада Талески и го израмни резултатот, но… ВАР проверката го поништи голот, Ибраими беше во офсајд.

На крајот гужви, мешаници откако Талески се пожали на повреда, односно на удар од Ибраими, па настана една голема мешаница меѓу фудбалерите на двата тима. Откако страстите се смирија, следуваше и крајот на мечот, и голема радост на Вардар на теренот на противникот.

Се вчитува...