Вардар од минус шест до голема победа над Мелсунген

Двократниот европски шампион Вардар стигна до голема победа во главната групна фаза во Лигата на Европа откако вечерва славеше на домашен терен против Мелсунген со  37-33.

За разлика од мечот во Лисабон, Вардар стартуваше цврсто во одбраната, а прв во нападот го начна голот на противникот Јака Малус за водство од 1-0 на „црвено-црните“ во третата минута. Вардарци во првата третина од полувремето правеа многу грешки во нападот, а одличен на голот на гостинскиот тим беше Бартуч кој забележа три интервенции во воведните десет минути по кои гостите имаа позитива од четири гола 4-8.

Иван Чупиќ мораше да реагира со тајм-аут, но и тој не помогна. Следуваа нови грешки во нападот, а Германците поведоа и со шест голови разлика 4-10. Црвено-црните успеаја да заиграат подобро во следниот период и успеаја да ја преполоват негативата (9-12). Сепак, тоа беше само краток блиц-криг бидејќи Мелсунген многу брзо ја врати позитивата од шест гола 9-15 во 22. минута.

Избраниците на Иван Чупиќ конечно заличија на себе па во 27. минута за намалија на само два разлика 14-16, по кои и гостинскиот тренер Парондо мораше да го побара својот прв тајм-аут. До крајот на првиот „црвено-црните“ намалија на еден разлика 18-19.

Вардар одлично го отвори вториот дел и брзо стигна до предност од 22-21.

Како одминуваше вториот дел Вардар заигруваше се подобро, а на влезот во последните десет минути стигна првпат до најголеми плус четири 31-27. До крајот избраниците на Иван Чупиќ успеаја да ја задржат предноста за голема победа од 37-33.

Јака Малус со десет гола и Воркапиќ со девет погодоци беа први имиња во таборот на победникот, додека кај поразените Стефансон заврши со 11 погодоци.

Се вчитува...