Вардар одамна не бил вака лош – Седми пораз во низа за „црвено-црните“ во ЛШ

Двократниот европски ракометен шампион Вардар веројатно ги минува најлошите денови во поновата историја, откако го запиша и седмиот пораз во низа сезонава во Лигата на шампионите. Овој пат подобар од „црвено-црните“ беше хрватскиот шампион ППД Загреб кој славеше со 23-22. Многу грешки во нападот и пад на концентрација во завршницата на нападите беше клучна за поразот на македонскиот шампион во Загреб.

Вардар повторно почна слабо и дури по четири минути преку Филип Талески успеа да го постигне првиот гол на натпреварот. Дефинитивно среќата не беше на страна на Кевин Њокас кој три пати по ред ја погодуваше пречката, по што ППД Загреб во 10. минута за првпат стигна до плус три (5-2).

„Црвено-црните“ ги консолидираа редовите и во 15. минута со голот на Моралес успеаја за првпат да стигнат до водство од 6-7. Следеше гол и на Гаџа со кој Вардар првпат стигна и до плус два (6-8).

Резултатската „клацкалка“ продолжи и во следниот период од првото полувреме. Вардарци повторно стигнаа до плус два (9-11), по што Хрватите повторно израмнија и на пет минути до крајот на првите 30 минути се влезе во егал (11-11).

Црната серија на гостите продолжи и во следниот период, а домаќините со одлична игра во одбраната стигнаа повторно до плус два (13-11). Столе Стоилов намали на 13-12 на минута до крајот на првото полувреме. Буквално во последните секунди загрепчани изнудија пенал и исклучување на Жереми Тото, а ударот од седум метри сигурно го изведе Иван Чупиќ за 14-12 на полувреме.

Избраниците на Веселин Вујовиќ со два гола го стартуваа второто полувреме и брзо успеаја да ја анулираат предноста и да израмнат на 14-14. Во следниот период се играше гол за гол, се до 44. минута во која Вардар повторно стигна до плус два (16-18). Неколку неискористени напади за плус три резултираа домашниот тим повторно да дојде на минус еден (17-18) на десет минути до крајот на мечот.

Тоа што не успеаја да го искористат во неколку наврати и да стигнат до плус три конечно беше реализирано во 51. минута кога Дарко Ѓукиќ во контра напад конечно донесе плус три за македонскиот шампион (18-21), по што следуваше тајм-аут за Загреб.

И повторно по кој знае пат Загреб се врати во мечот веднаш по тајмаутот и повторно стигна до реми на пет минути до крајот (21-21) по кој натпреварот влезе во неизвесна завршница. Валчак погоди за 21-22, а потоа Жереми Тото го доби третото исклучување со кое ги остави своите соиграчи на цедило во финишот. Кланица израмни на 22-22.

Следеше ново промашување овојпат на Гаџа, по што Срна во следниот напад на две минути до крај го доведе хрватскиот шампион до предност од 23-22. Следуваа грешки на двете страни, а Вардар на 20 секунди до крајот тргна во напад за реми во кој повторно погрешија неговите ракометари и го запишаа седмиот пораз во низа во ЛШ.

Иван Чупиќ со пет гола беше прво име во победничкиот табор, додека кај Вардар Тото и Дибиров завршија со четири.

 

Се вчитува...