Вардар останува единствениот непоразен тим и по 9.коло во Лигата на шампионите.На гостувањето во Манхајм, вардарци одиграа нерешено (21-21) против Рајн Некар Левен, а јунак на „црвено-црните“ и овој пат беше голманот Арпад Штербик кој го одбрани последниот напад на Рајн Некар Левен за победа.
И во двата тима фокусот главно беше во играта на одбраната, што пак резултираше со релативно малку постигнати голови на натпреварот. Вардарци до првото водство од 2-3 дојдоа во 12.минута со погодокот на Тимур Дибиров од седмерец. Но, потоа следуваше период од седум минути во кој „црвено-црните“ не успеваа да реализираат, дури и кога беа со играч повеќе во нападот. Неефикасноста на Вардар ја казни Рајн Некар Левен со првото водство со два гола разлика, поведувајќи со 7-5.
Стојанче Стоилов, конечно ја прекина лошата серија на вардарци во нападот, а набрзо потоа прецизен беше и повратникот во составот, Лука Циндриќ, за ново изедначување на 5-5. Жестоките дуели продолжија и во наредните минути. Вардар вообичаено играше 5-1 одбрана, овој пат со Тимур Дибиров напред и успеа да ги исфрли од ритам бековите на германскиот тим. Во ист стил возвраќаше и Рајн Некар Левен на спротивната страна со длабока 3-2-1 и 5-1 одбрана и со Херик Пекелер на предната позиција. Во тоа надмудрување на двете страни на четири минути пред крај на првиот дел, вардарци прв пат поведоа со два гола разлика (8-10), но ни „црвено-црните“ како ни „лавовите“ претходно не успеаја да се одлепат со поголема позитива. Домаќините возвратија со серија од 3-0 и одново го презедоа водство. Последните минути од полувремето се играше гол за гол и на паузата резултатот беше нерешен (11-11).
Второто полувреме го отвори Тимур Дибиров со погодок за ново водсто на Вардар кое кратко траеше бидејќи на спротивната страна веднаш возврати Александар Петерсон за ново изедначување и нова бркотница по теренот во која во поголем дел се играше гол за гол и на двете страни се чекаше грешка на противникот или серија на голманите.
Менсах Ларсен со три гола во серија ги одржуваше „лавовите“ во позитива, а во 38.минута со погодокот на Рајнкинд за 16-14, Рајн Некар потворно дојде на +2. Раул Гонзалес реагираше со тајм-аут во обиде да ја прекине серијата на домаќините и да го врати во ритам нападот на Вардар кој тешко доаѓаше до погодок во првите десетина минути од второто полувреме.
Одбраните на Арпад Штербик на едната и на Андреас Паличка на другата страна ги одржуваа двата тима во егал на средината од второто полувреме, период во кој главно домаќините беа во предност со 1-2 гола. Нападот на вардарци и нбатаму тешко функционираше, а во клучните кога се кршеше резултатот, „црвено-црните“ загубија неколку топки и шест минути останаа без гол. Во последните пет минути од дуелот во „САП Арена“, Рајн Некар Левен влезе со предност од 21-19 и имаше напад за +3. Но грешеа и „лавовите“, а Жоан Канењас ја презеде одговорноста во нападот на Вардар и успеа да намали на 21-20.
На 40 секунди пред крај Иван Чупиќ се снајде најдобро покрај одбраната на Рајн Некар Левен и изедначи на 21-21. Николај Јакобсен побара тајм-аут пред последниот напад на Рајн Некар Левен во кој германскиот состав се обидоа да дојдат до победа. Во позиција за гол дојде Гвардиола, но Арпад Штербик уште еднаш беше јунакот на Вардар, го одбрани ударот на шпанскиот пикер и спаси бод за „црвено-црните“.
Тимур Дибиров постигнаа по пет гола за Вардар, Жоан Канељас и Дианис Криштопанс реализираа по четири, а Арпад Штербик го заврши мечот со 13 одбрани. Кај Рајн Некар Левен по четири погодоци имаа Менсах Ларсен и Александар Петерсон, а Андреас Паличка заврши со 11 одбрани.
Во следниот натпревар, кој ќе биде последен пред зимската пауза во Лигата на шампионите, Вардар на 2 декември во Скопје го пречекува Кристијанштад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА