Вардар останува перфектен во Супер-лигата

Вардар ја забележа и осмата победа во низа од стартот на сезонава на домашната сцена откако „црвено-црните“ рутински стигнаа до бодовите и на гостувањето против Куманово (25-32). „Вардарци“ одиграа онолку колку што им беше потребно, тренерот Чупиќ им даде шанса на сите ракометари да ги покажат своите квалитети, а триумфот воопшто не беше доведен во прашање.

Вардар рано успеа да се одлепи, поведувајќи најпрвин со 3-6, потоа и со 6-10, но домашниот тим успеа да парира до крајот на полувремето. На одмор се замина со 13-16, кумановци на стартот од вториот период намалија и на 14-16, но тоа беше се што успеаја да сторат бидејќи следеше серија од четири гола на Вардар. Како што одминуваше времето така и предноста на гостите од Скопје растеше, Хориха погоди за прво водство од осум гола (18-26, 44. минута). Кумановци сепак не дозволија негативата да стане двоцифрена, па Вардар го доби овој меч со конечни „плус седум“.

Кавада со седум и Хориха со пет погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, Гогов имаше десет одбрани на голот на Вардар, додека во таборот на Куманово најдобри стрелци беа Стојков со седум гола (без промашување) и Димевски и Фернандеш со по четири погодоци.

Се вчитува...