Вардар парираше едно полувреме, Пелистер рутински до победата

Пелистер продолжи со искачување на прволигашката табела откако битолскиот клуб лесно славеше на гостувањето против Вардар со убедливи 74-86. Домаќините успеаја да парираат во првото полувреме, пред се поради одличната серија во втората четвртина, но квалитетот и искуството на овој дуел беа целосно на страната на битолчани, кои стигнаа до четвртата победа во псоледните пет прволигашки пресметки,  како увертира за настапот на последниот балон-турнир од АБА2 лигата.

„Пелистерци“ подобро го почнаа натпреварот и поведоа со 15-22 по првото полувреме, а во вториот период имаа и водство од 18-27 по тројката на Сапунпџиев. Тогаш дојде до голем пад во играта на избраниците на Радуловиќ, а Вардар го искористи тоа и со серија од 13-0 домаќините дури и го свртеа резултатот во своја полза. Пелистер успеа да се разбуди пред крајот на полувремето и на одмор замина со водство од 37-42, за битолчани повторно да притиснат во второто полувреме и резултатски да се одлепат. Гостите имаа „плус 16“ (58-74) на стартот од последната четвртина, Вардар на три минути до крајот дојде до шест разлика, но Пелистер не дозволи да се влезе во неизвесен финиш, триумфирајќи заслужено со конечните „плус дванаесет“.

Маслинко со 23 поени беше главна фигура во победничкиот тим, по 20 поени постигнаа Магдевски и Планиниќ, додека кај Вардар најзабележителни беа Атанасов со 20 поени и Хот со дабл-дабл од 17 поени и 11 скокови.

Пелистер ќе го отвори претстојниот АБА2 турнир во Широки Бријег, на кој македонскиот вицепрвак во премиерниот дуел ќе се сретне со Борац Бања Лука, меч закажан за понеделник (18 март) до почеток во 15 часот.

Се вчитува...