Македонскиот првак Вардар со предност (1-0) ќе патува во Данска, на реванш мечот против Копенхаген во рамките на третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Бразилецот Џонатан Боарето Балотели постигна фантастичен погодок во 65.минута, кога со волеј удар од 14 метри ја затресе мрежата на противникот. Ова секако е одличен резултат пред возвратните 90 минути, на гости во Данска, на 2.август.
Вардар беше блиску до перфекција. Секако, за вакви, европски натпревари. Тркачки одлично подготвен, тактички мудар, оствари голема победа. За да дојде во предворјето на рајот, недостигаше уште еден погодок, онаа нереализирана шанса на Којашевиќ во самиот финиш од средбата. Но, и вака е супер, со еден гол, мирна мрежа и полна душа, Вардар патува на реванш против данскиот Копенхаген. И не е тоа ривал што нема да се тресе и во Данска, од „црвено-црните“ момци.
Во третата минута, прва закана од Копенхаген. Грнчаров одигра кусо со глава, Сантандер го проигра Грегуш, кој распали од 25 метри, но Гачевски исфрли во корнер. Но, возврати и Блажевски идентично во следнот напад, а неговиот шут беше блокиран во корнер. По него, Хамбарџумјан шутираше со глава, но над голот на данскиот првак.
Блажевски го испроба својот удар и во осмата минута, но се уште го немаше наместено нишанот.
Цели дваесет минути се играше неинвентивно, а потоа Хамбарџумјан подготви можност за Николов, кој шутираше од работ на шеснаесетникот, но беше блокиран во последен момент. Потоа и Барсегјан се обиде, но над голот.
Спировски шутираше од слободен удар од 30 метри во 34.минута, но директно во противничкиот голман Олсен.
Пред крајот на првиот дел, Балотели шутираше со глава по корнерот од десната страна, но не беше прецизен. Најубавата шанса ја имаше Фелипе, кој од 12 метри шутираше во долниот лев агол, но голманот Олсен успеа да одбрани. На одмор се замина со почетните 0-0.
Во 50.минута, Блажевски повлече контранапад, но откако не проигра во вистински момент, Хамбарџумјан се реши за шут од далечина, и не погоди.
Возврати Бенгтсон на спротивната страна,со шут откосо од левата страна, за среќа на Гачевски, за малку непрецизно.
Во 55.минута, колосална шанса за Вардар. Јохансон слабо реагираше како последен човек во одбраната на Копенхаген, Балотели излезе сам пред голманот, но наместо да го лобува од прва, шутираше еден момент подоцна и можноста пропадна. Две минути подоцна, Бразилецот упати уште еден удар, но Олсен одбрани.
И потоа експлозија. Во 65.минута, лошо реагираше одбраната на Копенхаген, топката му дојде на волеј на Балотели, кој погоди мајсторски, тресејќи ја мрежата на данскиот првак. Вардар поведе со 1-0.
Пет минути подоцна, нововлезениот Којашевиќ се обиде од слободен удар, но не беше прецизен. Вардар сепак, имаше потполна контрола на играта и на резултатот.
Балотели одлично продре по десната страна во 84.минута, му подготви супер шанса на Дамир Којашевиќ, кој, сепак, не шутираше според посакувањата. Голманот Олсен го одбрани неговиот удар.
На спротивната страна, Сантандер се закани опасно, со удар со глава, и за среќа, не погоди. Уште поопасно беше во судиското продолжение, кога Томсен можеше да донесе реми, но не успеа да ја зафати топката на пеналтикот во вистински момент.
Данска, еве го Вардар, доаѓа со предност од 1-0.
ВАРДАР – ФК КОПЕНХАГЕН 1-0 (0-0)
Телеком Арена во Скопје. Гледачи: 14.000. Судија: Даниел Сиберт (Германија). Стрелци: Балотели 65’ (Вардар). Ж. Картони: Хамбарџумјан (Вардар), Туту, Јохансон (Копенхаген).
ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири, Спировски, Николов (88’ Глигоров), Фелипе, Блажевски (60’ Којашевиќ), Барсегјан (76’ Брдаровски), Балотели.
ФК КОПЕНХАГЕН: Олсен, Боилесен, Луфтнер, Јохансон, Бенгтсон, Вербич, Грегуш, Квист, Туту (65’ Томсен), Павловиќ (73’ Сотириу), Сантандер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА