Фени индустри прокнижи значајни бодови во битката за влез во Супер-лигата откако вечерва како гостин славеше против Вардар со резултат 70-80. Избраниците на Малинков целата работа ја завршија во првото полувреме, во кое стигнаа до предност што кавадарчани знаеја како да ја задржат во преостанатите 20 минути.
Младиот тим на Вардар имаше пад на концентрацијата во последните 90 секунди од првата четвртина, а Фени знаеше како да го искористи тоа, па по минималната негатива од 18-17 гостите стигнаа до предност од 18-25. „Црвено-црните“ во вториот период се приближија на 27-30, но следеше нова серија на кавадаречкиот клуб, кој уште во втората четвртина стигна до првата двоцифрена предност (29-39), за потоа на одмор да замине со 32-46. Преостанатите 20 минути беа рутина за кошаркарите на Фени, кои на крајот заслужено се радуваа на победата како увертира за завршниот турнир од Купот на Македонија.
Пајиќ постигна 19 поени за Фени, 17 од нив во првото полувреме, 17 постигна Горјан Марковски, а одличен настап имаше и плејмејкерот Јане Петровски, стигнувајќи до дабл-дабл од 12 поени и 13 асистенции. Радош со 17 поени беше најефикасен кај Вардар, додека младиот Темелковски забележа 11 поени и седум скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА