Вардар денеска (17.30 ч.) му гостува на ПИК Сегед, во натпреварот од 4.коло во групата А од Лигата на шампионите. Според многу проценки, „жешкиот“ терен во Сегед ќе биде првиот посериозен тест за актуелниот европски шампион кој по првите три кола од групната фаза е со максимален учинок, без загубен бод.
Вардарци имаат позитивен скор во меѓусебните дуели со ПИК Сегед во Лигата на шампионите. На шесте досегашни натпревари Вардар има четири победи, еден натпревар завршил нерешено, а на еден славел унгарскиот тим. Единствената победа на ПИК Сегед во дуелот со „црвено-црните“ датира од 2004 година. Во четирите дуели од „поново време“, бодовите секогаш завршувале кај „црвено-црните“. Но, и покрај позитивната статистика, во редовите ан македонскиот шампион се максимално претпазливи.
„Против ПИК Сегед секогаш е тешко да се игра. Така ќе биде и овој пат. ПИК Сегед има навистина добар тренер и тие играат тактички многу добро. Досега два пати победивме во Сегед во Лигата на шампионите, но очекувам ова да биде најтежок натпревар за нас досега. Ако сакаме да победиме мора да одиграме најдобро и да се подобри нападот. Имам доверба во нас, бидејќи сме на првото место, но мора да бидеме во добра кондиција. ПИК Сегед е најголем противник за нас и мора добро да се одбраниме“ – изјави тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
За разлика од перфектните три од три на Вардар, ПИК Сегед имаше малку потежок старт, загуби на гостувањето кај Нант (26-30), но потоа унгарскиот тим влезе во добар ритам со две победи по ред против ППД Загреб (28-23) и против Кристијанштад (36-27).
Бекот на ПИК Сегед, Сергеј Горбок од сите најдобро го позна квалитетот на Вардар и точно знае од каде доаѓа најголемата опасност. Поранешниот вардарец, сега ударна сила во бековската линија на ПИК Сегед, тоа го посочи и во интервјуто за официјалниот клупски сајт.
„Вардар има многу добар тим, тешко е да се игра против нив. Голманот е извонреден и на секоја позиција се покриени со одлични играчи. За противник имаме многу силен тим и тоа добро го знаеме. Мора да одиграме максимално прецизно и дисциплинирано и да ги следиме инструциите од тренерот, само така може да се надеваме на позитивен резултат“ – истакнува Горбок додавајќи дека има многу пријатели во Скопје и во тимот на Вардар, но на терен посакува победа на својот тим.
„ Имам многу пријатели во Скопје, но тоа го заборавам во играта. Во таква ситуација играв неколку пати и веќе не ми е нешто необично. Мојата цел сега е победа на ПИК Сегед“ – вели Сергеј Горбок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

