Вардар по ново европско чудо во Веспрем или соочување со реалноста

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар денеска ќе му гостува на унгарски Веспрем во реваншот од осминафиналниот двомеч во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ ќе имаат невозможна мисија на ова гостување каде ќе мора да ја анулираат негативата од осум гола (22-30) од првиот натпревар одигран минатата недела во „Јане Сандански“.

Францускиот репрезентативец Кентан Мае потсети на претходните сезони во ЛШ кога Вардар успеваше да се врати од невозможни ситуации во елитното европско натпреварување, како јасно предупредување дека ракометарите на Веспрем мора да останат максимално фокусирани.

„Мораме да бидеме максимално сериозни и на овој втор натпревар. Секако, сакаме да се пласираме во четвртфиналето од Лигата на Шампионите, знаеме дека имаме убава предност од Скопје, но исто така и треба да сме свесни дека Вардар е специјалист за пресврти во ЛШ низ годините. Овој тим надминал многу невозможни ситуации во изминатиот период, затоа мора да одиграме максимално ако сакаме да стигнеме до посакуваниот пласман во четвртфиналето“, истакна Мае.

Натпреварот меѓу Веспрем и Вардар е закажан за 18.45 часот.

Се вчитува...