ЕКИПА во Брест,
Катерина Павлова Николовска
Со четири титули, две последовни, македонскиот ракометен шампион, Вардар е најуспешниот тим во СЕХА лигата. Традицијата на доминација во регионалното натпреварување, „црвено-црните“ се обидуваат да ја продолжат со успех на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во Брест.
На патот до реализација на планот за одбрана на титулата, прва пречка е домаќинот Мешков. Белорускиот суверен, пак смета дека домашниот терен ќе му помогне во пресметката со четвртфиналистот од Лигата на шампионите.
Оваа сезона Мешков ги доби двата дуела во лигашкиот дел, но тие две пресметки дефинитивно не се вистински приказ за можностите на Вардар, особено што на гостувањето во Брест во првиот меч, македонскиот тим отиде со состав кој е далеку од најсилната екипа.
Вардар во претходните две години доминантно доаѓаше до титулата во регоналното натпреварување, претходно ги има и трофеите од 2012 и од 2014 година.
Мешков Брест го освои третото место од 2017 година, во финале беше и во 2014 и во 2015 година.
Во дуелот, Вардар влегува со пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, обезбеден преку осминафиналната елиминација на потенцијалниот противник за финалето во Брест, Загреб.
Мешков веќе нема обврски во елитното натреварување со оглед дека беше елиминиран во осминафиналниот двомеч од Фленсбург.
Пресметката меѓу Вардар и Мешков Брест е втор на програмата на воведниот натпреварувачки ден од Ф4 турнирот (19 часот), претходно во историското прво хрватско полуфинале ќе сесоочат дебитантот Нексе и екс-шампионот на СЕХА, ППД Загреб (16.30 часот).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА