ЖРК Вардар заврши фантастична работа со ангажманот на Драгана Цвијиќ, но српската репрезентативка најверојатно нема да биде единственото засилување на „вардарки“ од Будуќност во следниот преоден рок. Имено, последните информации говорат дека по Цвијиќ, македонскиот првак сака да ја ангажира и најдобрата ракометарка на Будуќност, Кристина Неагу, со што би му задал уште поголем удар на црногорскиот шампион како директен ривал во битката за европскиот трон.
Романскиот „ПроСпорт“ најавува дека Неагу веќе донела одлука за заминување од Подгорица, а како една од можните опции се наведува токму Вардар. Романскиот ЧСМ Букурешт не ја крие желбата да ја врати „дома“ најдобрата романска ракометарка, но „вардарки“ се способни да ги замрсат сметките на актуелниот европски првак. Според „ПроСпорт“, во прилог на овие информации оди и фактот дека Неагу е застапувана од истата менаџерска куќа како и Цвијиќ, со што шансите на Вардар за овој ракометен мегатрансфер се уште поголеми.
Неагу важи за една од најдобрите светски ракометарки во моментов и јасно е дека со неговиот ангажман „вардарки“ уште повеќе би добиле на квалитет. Романката беше меѓу најзаслужните за титулата во ЛШ што Будуќност ја освои во 2015 година, кога на патот до трофејот го елиминираше и македонскиот првак. Воедно, Кристина Неагу е два пати избрана за најдобра светска ракометарка според ИХФ, за 2010 и за 2015 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА