Дерби пресметката од 14. коло во Втората македонска фудбалска лига меѓу Пелистер и Вардар закажано за в сабота од 13 часот на стадионот под Тумбе кафе во Битола по подолго време ќе се игра со присуство на навивачките групи на двата клуба.
Вардар побара дозвола од домаќинот за присуство на „Комитите“ како би се добила вистинска фудбалска атмосфера каква што доликува за најголемото македонско дерби, а Пелистер одобри. „Комити“ најавуваат дека група од околу 300 нивни членови ќе патуваат во Битола.
И „Чкембари“ најавија сериозна мобилизација за дерби-пресметката најавувајќи масовно присуство на натпреарот.
„Сабота на стадионот под Тумбе Кафе после долго време се игра дербито со две навивачки групи. Битола како и стално е спремна за да издоминира во секој поглед. Повик до сите оние кои некогаш биле дел од нашиот коп, да бидат со нас на оваа битна утакмица и да учествуваат во доминацијата. Ова не е само обична утакмица, ова е утакмица каде што се бранат честа и гордоста на градот, клубот и групата, и каде се покажува нашиот оправдан гнев и револт. Мобилизирајте ги вашите маала, населби, подгрупи и екипи. Да застаниме братски еден до еден НА НАШАТА МАТИЧНА ТРИБИНА и сите да згрмиме за нашиот сакан клуб“ – повикуваат „Чкембарите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА