Вардар успеа да победи во Тетово со 0-1, но тоа беше недоволно за да ја елиминира Шкендија и да се пласира во финалето на Купот на Македонија. Шкендија во финалниот меч ќе ги одмери силите против Пелистер, откако на првиот меч во Скопје оствари предност од 1-3, што скопјани не ја анулираа на денешната реванш пресметка.
Овој меч, за жал, ќе остане запаметен по инцидентот што се случи во 32.минута, кога капитените на двата тима, Ферхан Хасани и Бобан Грнчаров започнаа физичка пресметка во која се вклучија и други фудбалери. Судијата Александар Ставрев привремено го прекина натпреварот откако дури и фанови почнаа да влегуваат на терен, а на Хасани и на Грнчаров им покажа црвени картони.
Во второто полувреме, Вардар фрли се на една карта, на нападот, со оглед дека му беа потребни три гола. Дарко Велковски успеа да ја затресе мрежата на Шкендија во 60.минута со удар со глава, по слободниот удар на Фелипе од левата страна. Но, „вардарци“ немаа сили за да ја анулираат комплетно негативата (1-3) од Скопје, па Шкендија е тимот што патува во финалето на Купот и ќе го брани трофејот во финалниот меч против Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА