Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар славеше со 1-2 на гостувањето кај Тиквеш во меч од 2. коло од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Во 20. минута од средбата Закариќ се обиде, но голманот Стевковски одбрани одлично, а потоа во 34. минута Ивановски имаше празен гол, но во последен момент стигна да изблокира Данев и да спречи домашна радост.
Во вториот дел Вардар поведе со 0-1 со голот на Матиќ во 51. минута, додека на 0-2 зголеми Мато во 67. минута. До крајот на мечот стрелаше и Азар Омерагиќ, но поради офсајд неговиот погодок беше поништен, а почесен погодок за домаќините постигна Ивановски (1-2) во 93. минута.
До гостинска победа стигна и двократниот шампион Струга ТЛ која со пресврт 1-2 славеше на гостувањето кај дебитантот во елитата Арсими.
Сикири со „бомба“ во 45. минута од средбата, со удар од 25 метри го совлада Анџелети и донесе предност од 1-0 за домаќинот. Гостите израмнија на 1-1 преку Марјан Радески во 69. минута, додека целосен пресврт 1-2 три минути подоцна донесе Компаоре.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

