Ракометарите на Вардар денеска против францускиот Монпелје ќе го одиграат првиот меч во 2022 година во Лигата на шампионите.
Иако Французите во моментов се лидери на табелата во групата и големи фаворити, „црвено-црните“ се едногласни дека не заминуваат во Франција со „бело-знаме“. Својот прв меч во елитата на клупата на двократниот европски шампион ќе го има Давид Дејвис кој го замени Веселин Вујовиќ по очајните партии во првиот дел од сезоната.
„Играме против Монпелје, прв меч во Лигата на шампионите после паузата и мислам дека е најтежок противник, игра одлично во ЛШ, се на првата позиција на табелата. Не изгледаа толку добро до декември во домашното првенство, но во Лигата на шампионите е сосема друга приказна. Ова ќе биде прв натпревар во Лигата на шампионите после паузата, ќе биде многу тешко. Но, ние мораме да ја играме нашата игра, да веруваме во нас, и да одиме таму со оптимизам. Како и секогаш одиме на победа. Во првенство играме добро, во СЕХА топло ладно, и во ЛШ засега не сме на посакуваната позиција. Секако дека нашата желба е да бидеме меѓу првите шест екипи“, рече Дејвис.
Слично размислува и крилото Гоце Георгиевски…
„Прв натпревар во вториот дел од Лига на шампиони. Озбилен противник кој е водечки во нашата група. Самото тоа што се први на табелата кажува за каков противник станува збор. Одиме во Франција да се надигруваме со нив и нема да се предадеме. Тие не победија на домашен терен, но сега имаме нов тренер нов систем и верувам во поволен резултат иако се многу квалитетни. Ќе биде навистина тешко. Гледавме некои нивни натпревари, се работи за феноменална екипа, но имаме шанси и треба да се надеваме на поволен резултат“, изјави Георгиевски.
Давид Дејвис на овој меч нема да може да смета на Борко Ристовски, Анте Гаџа, како и Марко Мишевски, а на нивно место во ростерот добија шанса Стефан Крстевски и Мартин Карапалевски. Натпреварот меѓу Монпелје и Вардар е закажан за во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА