Најтрофејниот македонски клуб Вардар мина повеќе од турбулентна сезона низ која дури по бараж-пресметката успеа да обезбеди опстанок во Првата македонска фудбалска лига.
„Црвено-црните“ на стартот од сезоната од многумина беа отпишани во битката за опстанок, но водени од навивачката група „Комити“ успеаја да го извлечат најдоброто од себе, токму како момент за преживување во елитата а во очекување на максималната стабилизација која се најавува за новата сезона.
Како што дознава ЕКИПА, Вардар за новата сезона ќе има неколку моќни спонзори кои, заедно со поддршката од скопските општини кои клубот ја имаше и изминатава година, ќе овозможат и повеќе од сериозен буџет за македонски фудбалски услови. Моќен странски спонзор, заедно со неколку домашни компании, се најавуваат како носители на новиот финансиски проект на црвено-црните. Огромни промени веќе се најавуваат меѓу „вардарци“ со далеку поамбициозен проект, и враќање на истакнати македонски интернационалци во црвено-црните редови, како начин за креирање на компетитивен тим и за самиот врв во Првата лига.
Веднаш по крајот на изминитава сезона и капитенот на Вардар, Филип Гачевски најави нови светли денови за најтрофејниот македонски клуб и атак и на шампионската титула во новата сезона.
„Се што ветивме – остваривме минатава сезона. Наредната сезона одиме по титула! Да живеат Вардар и Македонија“ – порача популарниот Гача.
„Вардарци“ на крајот од месецов се очекува да ги стартуваат подготовките за новата сезона, кои ќе бидат реализирани низ неколку етапи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА