Вардар славеше на првото овосезонско суперлигашко дерби против Еурофарм Пелистер со 29-25, одмаздувајќи му се на големиот ривал за поразот во Суперкупот на Македонија. Двете екипи одиграа квалитетно, а како пресуден се покажа одличниот финиш на „вардарци“ во првото полувреме, кога беше создадена клучната разлика на патот до победата.
Вујовиќ реши да го почне дербито со Борко Ристовски на голот, откако екс-репрезентативецот ги надмина проблемите со повредата што го мачеа од стартот на сезонава. Двата тима играа под посакуваното ниво во одбраната, екипите се менуваа во водство, но ниту едно не изнесуваше повеќе од еден гол. Ситуацијата се промени по тајмаутот на Вујовиќ, кој побара поголем интензитет во одбраната, а неговите ракометари одговорија на тој предизвик. Иако „вардарци“ на момент имаа проблем со нападот, не им успеа ниту рецептот „седум на шест“, цврстата одбрана и лесните голови од контранапад на спротивната страна (Георгиевски и Моралес беа прецизни во 30. минута) им овозможи на домашните ракометари на одмор да заминат со удобна предност од 15-11.
Оливие Нијокас го отвори вториот дел со гол за 16-11, но јасно беше дека гостите немаат намера да се предадат. Еурофарм Пелистер експресно намали на 18-16, по што Вардар одговори со мини-серија од два ола. Избраниците на Бабиќ се вратија во ритам и намалија на 26-24, резултат при кој Вујовиќ побара тајмаут. Гостите стигнаа и до 26-25, но немаа сили за целосен камбек, Вардар со нова мини-серија се одлепи и го реши овој меч со конечни 29-25.
Тимур Дибиров беше клучен играч на ова големо дерби постигнувајќи десет погодоци, Талески и Моралес постигнаа по пет гола, додека кај Еурофарм Пелистер најефикасни беа Хрватите Мандалиниќ и Кушан со по пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА