Два порази во два дена, Вардар заврши на четвртото место откако претрпе пораз и од ПСЖ со 29-28 во натпреварот за 3.место на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн. На овој меч, Вардар настапи без првиот голман Арпад Штербик кој, според официјалното образложение, поради мала повреда остана на трибините, а во сосатвот на „црвено-црните“ покрај Страхиња Милиќ на местото на Штербик влезе Даниел Ѓорѓески. За Вардар ова е втор настап на Ф4 турнирот во Келн и нјајверојатно последен во овој состав, а за ПСЖ трето по ред учество во завршницата од Лигата на шампионите. За Раул Гонзалес пак ова е последен меч со Вардар во ЛШ пред неговата преселба токму на клупата на денешниот противник.
По почетното водство на ПСЖ со голот на Сандер Сагосен, Вардар успеа да ја преземе иницијативата и минималната предност. Серија грешки на двете страни и бркотницата на терен, во која Хорхе Македа беше најприсебен и со двата гола во серија донесе предност од 2-4, а потоа Лука Циндриќ ја комплетира серијата на Вардар од 3-0 за прво водство на „црвено-црните“ со три гола разлика (3-5) по првите десет минути.
Раул Гонзалес стартуваше со стандардната 5-1 одбрана со Тимур Дибиров напред и во овој дел од натпреварот тоа добро функционираше, а бековите на ПСЖ (Ремили-Сагосен-Карабатиќ) тешко доаѓаа до реализација. Тоа го поремети ритамот во нападот на францускиот тим кој остана само со три погодоци во првите 15 минути.
Многу поангажираната и помотивирана игра на Вардар во овој дел се одрази и на резултатот. Вардарци беа доминантни во првата четвртина и со погодокот на Хорхе Македа дојдоа до предност од 3-7. Сепак, тоа што го пропуштаа бековите на ПСЖ го надополнија крилата. Младиот Беноа Конку реализира две контри, а шансата не ја пропушти ни Уве Генсхајмер и ја намали негативата на 7-8, постигнувајќи го 89 гол со кој и официјално стана прв стрелец во Лигата на шампионите во оваа сезона.
По серијата брзи голови на двете страни, изедначувањето на 10-10 го донесе Никола Карабатиќ во истекот на 21.минута. Офанзивата на ПСЖ иницираше тајм-аут од клупата на Вардар. Но, несигурноста во играта на „црвено-црните“ продолжи и во наредните минути иако Раул Гозналес со неколку ротации, се обидеда го најде најдоброто решение за одбраната на ПСЖ. На шест минути пред крај на првиот дел, Генсхајмер уште еднаш беше прецизен од контра и му донесе минимална предност на парискиот тим (12-11).
ПСЖ настојуваше со брза транзиција да го „прекрши“ мечот, сепак, на „милионерите“ во овие моменти им недостасуваше и сигурна реализација што пак му овозможи на Вардар да остане во игра, но и да го успори ритамот и во финишот на полувремето одново да дојдат до минимална предност и на одмор да заминат со 14-15.
Вардар ефикасно влезе во второто полувреме, наметна свој ритам, имаше контрола на играта и со погодоците на Македа и на Марсениќ брзо стигна на +3 (14-17). Но, неизвесноста во овој дуел продолжи бидејќи ПСЖ со серија од 4-1 повторно дојде на егал (20-20).
Во 43.минута од натпреварот Вардар остана без Хорхе Македа кој доби трето исклучување и црвен картон, но „црвено-црните“, сепак и со играч помалку успеаја да се одбранат и да поведат со 21-22. Францускиот тим не искористи два напади со играч повеќе, а разврската во овој дуел остана за последната четвртина. Двете врзани одбрани на Страхиња Милиќ отворија шанса, но вардарци во нападот не успеаја да реализираат и да везат со два гола предност во завршните десет минути. Наместо тоа примија гол за ново изедначување на 23-23. Не успеа ни обидот на Иван Чупиќ од седмерец. Родриго Коралес одбрани, а Ремили на другата страна казни за 24-23. Конечно периодот од шест минути без погодок го прекина Лука Циндриќ кој ја надмудри одбраната на ПСЖ и погоди за 24-24 на шест минути пред крај.
Во последните пет минути одново ПСЖ влезе со минимална предност, а му ја донесе Генсхајмер со третиот погодок за 25-24. Лука Циндриќ пак ја искористи грешката на Коралес и продолжи играта гол за гол. Ремили одново беше несопирлив за одбарната на Вардар, а Генсхајмер погоди за прво водство на ПСЖ со +2 (28-26) на дев минути пред крај. Раул Гонзалес побара тајм-аут, но Вардар во следниот напад ја загуби клучната топка и му овозможи на ПСЖ да остане на +2 и да напаѓа за победа. ПСЖ не го искористи нападот, а Криштопанс ја задржа надежда за Вардар намалувајќи на 28-27 на дваесетина секунди пред крај. Ремили стави точка на неизвесноста и му донесе победа на ПСЖ за трето место, а Криштопанс само го ублажи поразот на Вардар на конечните 29-28
Лука Циндриќ постигна седум, а Хорхе Македа заврши со шест гола за Вардар. Кај ПСЖ ударна сила во нападот беше Недим Ремили со девет погодоци.
Новиот европски шампион што ќе го наследи Вардар на европскиот трон ќе биде познат по финалето меѓу Нант – Монпелје со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА