Македонскиот првак Вардар доживеа пораз (2-3) од чешкиот прволигаш Дукла Прага на денешниот пријателски натпревар во Анталија. Се што беше интересно, кога се головите во прашање, се случи во второто полувреме на овој меч.
Дарко Глишиќ со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот го доведе Вардар во водство во 63.минута од средбата. Но, само две минути подоцна, по едно невнимание во одбраната на „црвено-црните“, Зизу го израмни резултатот на 1-1.
Во 69.минута, Дукла Прага веќе обезбеди водство. По центаршутот од десната страна, Дан Тетур скокна највисоко и со удар со глава ја затресе мрежата на македонскиот првак.
Во завршницата беа постигнати уште два гола. Вардар со автоголот на Милошевиќ израмни на 2-2 во 89.минута, но во следниот напад Дукла Прага повторно дојде до водство, а на крајот и до конечен триумф (2-3) со погодокот на Ондреј Бреха.
Тренерот Гоце Седлоски денешниот меч го започна во следниот состав: Пачовски, Брдаровски, Попов, Новак, Љамчевски, Демири, Димков, Глигоров, Барсегјан, Грозданоски, Боарето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА