Македонскиот првак Вардар загуби од австрискиот тим Матерсбург со 1-0 на третата контрола на летните подготовки. Втор меч последователно, по претходниот со Марибор (исто така 0-1), „црвено-црните“ не успеваат да постигнат погодок, а, реално, и далеку се од потребната форма за дуелите против шведскиот шампион Малме, во квалификациите за Лигата на шампионите.
По првиот дел во кој немаше голови, следеше единствениот погодок за Матерсбург, кој всушност беше автогол од капитенот Бобан Грнчаров. Во 54.минута, тој не се снајде најдобро во сопствениот шеснаесетник, реагираше на центаршутот од десната страна со намера да расчисти, но успеа само да ја затресе сопствената мрежа. Пет минути подоцна, Боарето ја погоди стативата од голот на австрискиот тим, а вардарци имаа уште неколку убави шанси, но реализацијата не беше на потребното ниво.
Вардар на дуелот стартуваше во следниот состав. На голот Филип Гачевски, во одбраната Евгениј Новак, Бобан Грнчаров како и Бесир Демири и Хофханес Хамбарџумјан. Во средината на теренот Никола Глигоров, Џамбул Џигаури и Стефан Спировски, и во офанзивниот дел Хуан Фелипе, Дамир Којашевиќ и Џонатан Боарето Дос Реис. На клупата останаа Игор Алексовски, Дарко Глишиќ, Бесар Исени, Дарко Велковски, Филип Стојчевски, Бојан Колевски, Тодор Тодороски, Ацо Стојков, Дејан Блажевски, Матеус Лима, Висар Муслиу и Владица Брдаровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА