Во новата сезона Вардар ќе биде засилен со репрезентативецот на Тунис, Ашреф Маргели (27) кој игра на позицијата десен бек. Тој потпиша едногодишен договор и ќе биде засилување за тимот за следните предизвици на „црвено-црните“.
Маргели настапи за репрезентацијата на Тунис на квалификацискиот турнир за Олимписките игри и беше дел од ростерот на натпреварите против Унгарија, Португалија и Норвешка. Има настапувано и на СП 2021 година и во квалификациите за ЛОИ 2020 во Токио.
Десниот бек ја заврши сезоната во Тунис со титула во дресот на Есперанца. Претходно има настапувано за Ал Калеј од Саудиска Арабија, како и за уште неколку клубови од неговата татковина.
„Сакам да му се заблагодарам на Вардар што ми даде шанса да станам дел од историскиот тим во следната сезона. Многу сум горд и мотивиран и навистина со нетрпение очекувам да ги бранам боите на Вардар, и да му помогнам на клубот да ги постигне целите поставени за претстојната сезона. Исто така, би сакал да ја искористам предноста и да му се заблагодарам на господинот Борко Ристовски кој навистина направи одлична работа да ме донесе во Скопје и кој навистина дава се од себе за да го врати Вардар на местото каде што припаѓа: помеѓу најдобрите европски клубови. Ви благодарам за трудот, верувавте во мене и ми давате можност да го покажам најдоброто од мене“, изјави Маргели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА