Во продолжениот престој во Битола, ден по финалето во Купот на Македонија, Вардар го одигра и дуелот со Пелистер од плеј-офот и славеше победа со 24-36 (13-14). На „црвено-црните“ им остануваат уште два натпревари за одбрана на шампионската титула, на домашен терен против Охрид и во гости против Борец.
Пелистерци во првиот дел пружија силен отпор и успеваа да држат чекор со посилниот противник. На полувремето, Вардар замина со само еден гол предност (13-14). Но, во второт полувреме, „црвено-црните“ го засилија темпото и успеаја да се одлепат и да ја осигураат победата. Вардарци во овој дел постигнаа 13, а примија само три гола и остварија недостижна предност од 16-25. До крајот рутински ја држеа играта под контрола и на крај славеа двоцифрена победа
Нападот на Вардар го предводеа крилата Иван Чупиќ и Тимур Дибиров со по осум гола, Вуко Борозан постигна пет, а Лука Циндриќ заврши со четири гола. Кај Пелистер, најефикасен беше Васко Димитровски со шест гола, а по пет постигнаа Павле Павловиќ и Ристо Вујачиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА