Вардар се врати на лидерската позиција на табелата во Првата македонска фудбалска лига, откако сосема заслужено славеше со 3-1 против Тиквеш во 13. коло од шампионатот.
Пелистер, пак, конечно успеа да дојде до триумф, славејќи со 1-0 во пресметката во Битола против АП Брера.
„Ввардарци“ на дуелот на арената „Тодор Проески“ во Скопје поведоа против кавадарчани уште во 19. минута со убавиот погодок со шут од 18 метри на Чимбембе.
Тиквеш успеа да израмни во 45. минута со гол од пенал на Ивановски, а по ВАР-интервенција.
Главниот судија Доне Ристовски, по прегледување на снимката по интервенција на ВАР-собата, увиде дека Најдовски во шеснаесетникот играл со рака по шутот на Стојковски, откако топката одеше кон голот на црвено-црните, па Ивановски беше сигурен реализатор на ударот од белата точка.
Во второто полувреме тотална доминација на Вардар пред голот на Тиквеш. По неколку нереализирани 100% шанси на Спахиу, Закариќ, Талевски…, конечно во 82. минута убав погодок на Спахиу, на асистенција на Маневски, за предност од 2-1.
Во 88. минута уште една убава акција на Вардар, па и Роџерс Мато се запиша во листата на стрелците, на асистенција на капитенот Азер Омерагиќ. Главниот судија прегледуваше ВАР-снимка, но погодокот беше признаен…, поради случајна игра со рака.
Во Битола, пак, Пелистер триумфираше со 1-0 против АП Брера со голот на Керим во 24. минута, а по одличното нафрлување на Булатовиќ од левата страна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

