Вардар преполовен оди по победа против Валур

Ракометарите на Вардар вечерва во 20.45 часот му гостуваат на Валур во рамките од петтата рунда од ЕХФ Лигата на Европа. Двата пораза од Порто на последните две средби значеа и губење на шансите на „вардарци“ за пласман во следната рунда, но во таборот на македонскиот вицешампион владее оптимизам дека токму вечерва на Исланд ќе се прекине серијата од три европски порази.

Ова воедно ќе претставува и европско деби на новиот тренер Гилјермо Милано на клупата на македонскиот тим, откако Аргентинецот пред неколку дена за првпат ги водеше „црвено-црните“ на дуелот со Струга. Добра вест за „вардарци“ е што својот камбек на терените го имаше „бомбардерот“ Горига, а своето деби за Вардар го имаше и Португалецот Мигел Пинто, кој се најде во составот за вечерашниот дуел со Валур.

Тренерот Милано се соочува со огромни проблеми со составот, па така Вардар вечерва ќе настапи без првиот голман Еспиња, потоа пивотот Милан Лазаревски, „бомбардерот Вуко Борозан, десното крило Ќосевски…

Едно е сигурно, без оглед на проблемите „црвено-црните“ ќе сторат се за да стигнат до втората победа во ЕХФ Лигата на Европа сезонава, откако веќе на домашен терен го совладаа истиот ривал, рутински со 33-26.

Се вчитува...