Вардар продолжува победнички, триумф против Нексе (37-29)

Вардар ја продолжува победничката серија во регионалната СЕХА лига. „Црвено-црните“ на домашен терен го победија Нексе со 37-29 во 16. натпревар во СЕХА, прв по зимската пауза во ова регионално натпреварување. За вардарци ова 13 победа со која се зацврстуваат на лидерската позиција на табелата.

DD1_0760_original

Паузата со репрезентативните настапи на СП во Франција, не го наруши ритамот на вардарци. Уште на стартот избраницте на Раул Гонзалес поведоа со 3-0 што беше само најава за новата победа на македонскиот шампион. По стартниот шок, ракометарите на Нексе ги консолидираа своите редови и настојуваа достојно да му парираат на домаќинот. На четири минути пред крај на полувремето, гостите изедначија на 13-13 и до крајот на првиот дел се играше гол за гол.  Но,  вардарци сепак, на одмор заминаа со гол предност (17-16).

Изедначено беше и на стартот од вториот дел. Хрватскиот тим во 36 минута преку Сакиќ дојде и до првото и единствено водство (20-21). Тоа беше сигнал, вардарци да ја стегнат одбраната и да го засилат темпото во нападот. Со четири гола во серија, „црвено-црните“ се одлепија (24-21) и комплетно ја презедоа контролата на играта и на резултатот. Вардар и во овој дуел потврди дека е далеку посилен противник од хрватскиот вицешампион  и на крај рутински запиша уште една  убедлива победа.

DD1_0753_original

Хрватскиот интернационалец, Иван Чупиќ беше најефикасен во составот на Вардар со осум гола од кои пет ги постигна од седмерец. Шест гола запиша Тимур Дибиров, а по четири гола додадоа Хорхе Македа и Вуко Борозан. Извонредна партија на голот на „црвено-црните“ имаше Петар Ангелов со 15 одбрани. Кај Нексе прв стрелец беше Ведран Зрниќ со седум гола, а Перица Лелиќ заврши со 10 одбрани.

Во следниот натпревар во СЕХА лигата, Вардар на 5 февруари му гостува на Горење.

Се вчитува...