Двократниот европски шампион Вардар вечерва на домашен терен ја пречекува Бенфика во клучниот натпревар за освојување на второто место во главната групна фаза во второто по ранг натпреварување на стариот континент, Лигата на Европа на ЕХФ.
Португалците го изненадија Вардар со атомски напад и убедлива победа од 40-35 на првиот дуел во Лисабон, па нема дилема дека „црвено-црните“ ќе мора да одиграат далеку подобро во одбраната на вечерашниот меч ако сакаат да стигнат до поакуваниот резултат.
„Две работи се во игра. Се надевам дека ќе ја наполниме салата и ќе имаме убава вечер и дека ќе запишеме победа со која би исполниле главна цел поминување на главна фаза. Втората работа е по поразот против Бенфика мораме да се реваншираме и да го покажеме нашето право лице. Мислам дека треба да имаме поголема мотивација за овој меч бидејќи Бенфика е еден од ретки тимови кој што не победи годинава”, изјави Чупиќ.
Под знак прашалник за овој меч е еден од најдобрите ракометари на „црвено-црните“, Јака Малус…
„Јака денеска нема да тренира и дури утре ќе видиме дали ќе може да биде дел од мечот. Останатите сите се здрави и сите тренираат. Со Јака или без Јака ќе мора утре да тргнам шест ракометари бидејќи можам да пријавам само 16“, обелодени Чупиќ на вчерашната прес-конференција.
Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

