Вардар против Монпелје за крај на групата: Ние што останавме овде, одамна не се плашиме од никого

Македонскиот и европски ракометен првак Вардар против Монпелје денеска (17.30 часот) го затвора групниот сегмент во Лигата на шампионите. Во последното коло од прелиминарната фаза, во „Јане Сандански“ гостува Монпелје, екипата против која Вардар со победа ја отвори оваа сезона во која ја брани континенталната круна. Во однос на таа победа од 31-33, на почетокот од септември, во „црвено-црните“ редови има серија промени, друг тренер и неколкумина заминати играчи. Пред мечот со францускиот тим, во Вардар има и дополнтелни проблеми со ионака тенкиот ростер поради тоа што во текот на оваа седмица на тренираа и Горбок и Калараш.

„Се додека постои и промил шанса ќе се бориме за петтото место, ќе пробаме. Ќе играме против Монпелје како да е прв и последен пат. Знаеме во каква ситуација сме. Ние што останавме овде, одамна не се плашиме од никого. Може да одиграме добро, може да одиграме лошо, но да се плашиме? Никогаш. Поминавме низ оган и низ вода, бевме добри и лоши, но секогаш бевме почитувани од сите екипи. Тоа е нашата предност. На секој натпревар излегуваме да видиме кој е подобар“ – вели во пресрет на натпреварот, Тимур Дибиров.

Во дуелот од последното коло Вардар влегува како шестопласиран на табелата во групата Б, со 11 бода и биланс 5-1-7. Теоретски, европскиот шампион би можел да се пробие на петтото место, со триумф над Монпелје, но ќе му биде потребен и пораз на Порто на рутинското гостување кај веќе елиминираниот Мотор Запорожје.

 

Се вчитува...