Вардар против ППД Загреб во „мисија“ да ја прекине серијата од шест порази во ЛШ

Ракометарите на Вардар вечерва ќе му гостуваат на хрватскиот шампион ППД Загреб во еден од клучните мечеви во групната фаза во Лигата на шампионите. По серијата од шест порази со победа на овој меч „црвено-црните“ ќе бидат чекор поблиску до пласман во нок-аут фазата.

Тренерот на „вардарци“ Веселин Вујовиќ вели дека ова ќе биде меч кој и тие, но и „плинарите“ едноставно ќе мора да го добијат.

„Нe очекува Загреб, една млада екипа која е комбинирана со искусни играчи, во прв ред Гојун, Муса, Чупиќ… Младите играчи навистина многу напредуваат, тука се Црнак, Радица, Вистороп. Ќе биде навистина тежок натпревар, доаѓаме и двата тима од некои позитивни ситуации, тие одиграа одлично во Монпелје, ние во Кил. Ова ќе биде натпревар кој и тие и ние мораме да го добиеме, бидејќи преку него ќе ги зголемиме шансите за пласман во осминафиналето. Мислам дека Вардар ја подигна играта. Мислам дека Вардар се крена, дека Вардар игра добро и дека дојдовме до противници кои се, реално, близу нашиот квалитет, Загреб, Мешков, Елверум и дека во продолжението од сезоната ќе извлечеме добар резултат и ќе го ја оствариме целта, а тоа е пласман во следната рунда“, изјави Вујовиќ.

Слично размислуваат и ракометарите Жереми Тото и Анте Гаџа…

„Нашите очекувања за овој натпревар е да бидеме силни исто како што бевме во Кил. Мислам дека покажавме добро лице иако загубивме. Сега се фокусираме на овој натпревар со Загреб. Правиме видео-анализа на противникот секој ден и верувам дека целиот тим е фокусиран за овој натпревар. За нас е многу важно да победиме“, вели Тото. 

„Не очекува меч во Загреб последен натпревар годинава во Лигата на шампионите. Се надеваме дека ќе одиграме добар натпревар и дека во добро расположение ќе се вратиме во Скопје. Загреб ја подигна формата освојувајќи доста бодови во последно време. Мораме да одиграме сконцентрирано и борбено и првенствено подготвени на нивната добра одбрана. Мораме да одиграме паметно и сконцентрирано и со добра одбрана да се надеваме на бодови“, изјави Гаџа. 

Натпреварот меѓу ППД Загреб и Вардар кој е закажан за вечерва се игра со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...