Ракометниот шампион на Македонија Вардар во 12. коло од Лигата на шампионите на домашен терен ќе го пречека хрватскиот ППД Загреб, меч кој директно ќе одлучува за една од позициите кои водат во нокаут фазата од елитното натпреварување. Борко Ристовски се враќа во тимот на „црвено-црните“, а своето деби ќе го има Стефан Додиќ, новото засилување за Вардар кое ќе дебитира вечерва за „црвено-црните“ во ЛШ.
Тренерот на „вардарци“, Давид Дејвис вели дека и понатаму цел на неговиот тим е пласман во нокаут фазата, а овој меч против Загреб ќе биде одлучувачки за тоа.
„Работевме заедно еден месец. Од натпревар во натпревар играме подобро. Ако имавме повеќе време ќе игравме многу подобро. Мора брзо да се подготвиме за Загреб, да направиме добра тактика и да имаме многу респект за тимот кој игра добро. Февруари е многу важен месец, потребни се сите можни бодови. Ако сакаш да направиш успех во Лигата на шампионите, мора секогаш да победуваш дома. Во мојот систем е главна одбраната и голманите, а ако тие функционираат доаѓа до победа. За мене најважна е дефанзивата, па така ќе биде и со Загреб. Ќе има борба и ќе биде тешко, а ние сакаме да одиме едно место погоре во групата со победа над Загреб. Еден натпревар е еден натпревар. Победата над Монпелје беше добра, луѓето веруваат во системот, а круцијално е да функционира добро. Оваа победа беше искуство за помладите играчи. Нашата цел е да бидеме меѓу шесте во групата кои одат понатаму. Триумфот над Монпелје е добар, ама одиме чекор по чекор. Потребни ни се навивачите, се сеќавам на одличната атмосфера од претходните години и сакам пак да ја почувствувам“, изјави Дејвис.
Крилото на „црвено-црните“ Тимур Дибиров пресрет натпреварот вели дека проблемите во клубот се средени и дека сега се е во нивни раце околу пласманот во нокаут фазата во Лигата на шампионите.
„Мислам дека ние сме многу среќни да играме дома во овој дел од сезоната. Очекуваме поддршка од трибините на овој многу важен натпревар. Во добра серија сме, играме подобро од претходно. Имаме тежок распоред со многу патувања. Сепак, очекувам концентрација, да се држиме до планот и добро се подготвивме. Сметам дека ќе биде сè добро. Загреб е екипа која има голем респект од нас. Тие ги победија ПИК Сегед, се знаеме и свесни сме колку ни се важни двата бода. Не зависи ништо од претходните натпревари, ќе има доста нервоза и борба, ама ако сакаме да одиме понатаму мора да победиме директен конкурент. Слично сметаат и во Загреб со сигурност за нас. И тие се во добра форма, ама се надевам дека ќе дојдеме до поволен резултат. Очекувањата дома се само на победа. Знаеме дека ќе биде тешко, но за нас важно е да победиме. Ќе дадеме се од себе за тоа. Не е доволна само работата на тренерот како на Раул во ПСЖ, ним им недостасува нешто друго. Вујовиќ е човек кој направи многу за спортот, работата е многу тешка. Ние добро тргнавме со него, а потоа бевме во криза. Тоа не е вина само на Вујовиќ, туку на сите. Сега ги средивме проблемите и ситуацијата е подобра. Сè е во наши раце, ако не е добро како што сме планирале, вината е на сите, а не на поединци. Ние можеме без секој, Вардар е голем клуб и мора да функционира без било кој. Во ова време може да ни отежнат болести и повреди, но сметам дека можеме да се кренеме и на ниво повеќе“, изјави Дибиров.
Натпреварот меѓу Вардар и ППД Загреб кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА